Стаклените шишиња со повеќе микропластика од пластичните

Иако се сметаат за еколошки поодржлива алтернатива на пластиката, стаклените шишиња можат да содржат значително повеќе микропластика отколку пластичните шишиња, картонските пакувања или лименките. Ова го покажува најновото истражување на француската Национална агенција за безбедност на храна, животна средина и труд (Anses), во кое се анализирала контаминацијата со микропластика во различни типови пијалаци и амбалажа.

Во студијата биле опфатени вода, газирани пијалаци, вино, пиво и леден чај, при што најголем дел од примероците во стаклени шишиња покажале повисоки нивоа на микропластика во споредба со истите производи во пластична или метална амбалажа. Особено алармантно: во одредени газирани пијалаци, како што се кола, лимонада или пиво, биле детектирани до 100 честички микропластика по литар во стаклени шишиња, додека во лименки или пластични шишиња тој број бил од 2 до 20 честички, што претставува разлика од 5 до 50 пати помалку.

Во водата, ситуацијата е нешто подобра. Просечното ниво на микропластика било 4,5 честички по литар во стаклени шишиња и 1,6 во пластични, што и понатаму укажува на предност во корист на пластичната амбалажа кога станува збор за присуство на микропластика.

Од каде доаѓа микропластиката во стаклените шишиња?

Научниците претпоставуваат дека изворот на микропластиката не е самото стакло, туку пластичните или метални капачиња кои често се обложени со бои и лакови на база на пластика. Токму при затворањето и отворањето на шишето може да дојде до ослободување на честички, кои потоа паѓаат во течноста.

Микропластика – тивок загадувач

Микропластиката претставува еден од најголемите еколошки и здравствени предизвици на нашето време. Станува збор за честички помали од 5 милиметри, кои можат да навлезат во човечкото тело преку храна и вода, а потоа да се насоберат во органите. Иако долгорочните последици врз здравјето сè уште се предмет на истражување, прелиминарни студии поврзуваат микропластика со воспалителни процеси, хормонални нарушувања и дури и оштетување на клетките.

Еколошка дилема

Овие наоди го отвораат прашањето: дали стаклото е навистина најдобра алтернатива на пластиката, ако од аспект на микрозагадување не е безбедно? Стаклото сè уште останува материјал кој е 100% рециклирачки и има помал еколошки отпечаток во долгорочна употреба, но овој податок покажува дека и „зелените“ решенија треба внимателно да се преиспитаат.

Во пресрет на нови регулативи за ограничување на пластиката за еднократна употреба, овие резултати може да бидат клучни за редефинирање на политиките за пакување на пијалаци, како и за инвестирање во побезбедни и поиновативни решенија за амбалажа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни