ССНМ и ЗНМ: повикот на OJO за „воздржаност“ може да се протолкува како притисок врз медиумите

Од организациите посочуваат дека реакцијата на обвинителството следи по отворањето на јавни прашања околу неизборот на обвинителката која го водела процесот против полицајци во случајот „Пулс“, вклучително и дилеми за можните последици врз текот и времетраењето на постапката.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) реагираат на денешното соопштение на Основното јавно обвинителство, во кое од новинарите се бара „внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање“, а од професионалните медиумски организации се очекува „да го гарантираат почитувањето на етичките стандарди и воздржаност при јавно коментирање“.

Од организациите посочуваат дека реакцијата на обвинителството следи по отворањето на јавни прашања околу неизборот на обвинителката која го водела процесот против полицајци во случајот „Пулс“, вклучително и дилеми за можните последици врз текот и времетраењето на постапката.

Во нивната реакција се наведува дека наместо прецизно укажување на конкретни пропусти во известувањето, ОЈО упатило општи предупредувања дека шпекулациите и неточните информации за предмети поврзани со кочанската трагедија можат да предизвикаат вознемиреност кај семејствата на жртвите и јавноста.

„Сметаме дека ваквиот повик може негативно да се протолкува во јавноста, особено ако не е јасно наведено на кои конкретни случаи на неетичко или непрофесионално известување се однесува. Во таков контекст, пораката може да остави впечаток на обид да се стишаат критичките гласови и да се ограничи јавната дебата за прашања од висок јавен интерес“, наведуваат од ССНМ и ЗНМ.

Од организациите додаваат дека за ова прашање веќе имале директна комуникација со претставници на обвинителството, со цел да се надминат можни недоразбирања околу содржината на соопштението.

Тие потенцираат дека професионалното и етичко известување останува обврска на медиумите и новинарите, додека новинарските организации имаат улога да ги промовираат стандардите и да реагираат на нивно прекршување, но не можат да гарантираат за секоја поединечна уредувачка одлука.

ССНМ и ЗНМ потсетуваат дека во случаи на сомнеж за неетичко и непрофесионално известување веќе постојат институционални механизми, меѓу кои Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите во Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни