Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразија сериозна загриженост поради одлуката на Апелациониот суд Скопје со која е одбиена жалбата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во предметот за клевета и навреда.
Според организациите, ваквата одлука отвора сериозни прашања за заштитата на истражувачкото новинарство, слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Иако одлуката е објавена, нејзиното образложение сè уште не е јавно соопштено и се очекува да биде доставено во писмената пресуда.
Станува збор за судски предмет во кој тужител е поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев, а тужени се ИРЛ и главната уредничка Сашка Цветковска, во врска со истражувачкиот документарец „Заговор против воздухот“, емитуван во 2021 година.
ССНМ и ЗНМ потсетуваат дека и по првостепената пресуда во 2023 година јавно реагирале, оценувајќи дека судот не навлегол во суштината на наводната клевета, туку наместо тоа извршил дискредитација на новинарите и непрофитниот медиум, со што, според нив, се создава опасен преседан.
Особено загрижувачки, велат од двете организации, е тоа што во образложението на пресудата – сега потврдена од Апелација – се отвора прашањето кој може да биде медиум и кој смее да се занимава со новинарска дејност. Според нив, ваквото толкување на Законот за медиуми и Законот за здруженија и фондации претставува произволен и паушален пристап кој може да има долгорочни последици врз медиумскиот плурализам.
ССНМ и ЗНМ најавуваат дека ќе продолжат да стојат зад истражувачкото новинарство и внимателно ќе ја следат натамошната постапка, вклучително и можноста за користење на сите расположливи правни механизми пред повисоките домашни и меѓународни судски инстанци.
Во изминатите пет години, ЗНМ обезбедувало бесплатна правна поддршка во овој случај, а двете организации јавно укажуваа на неговото значење за слободата на изразување и заштитата од стратешки тужби против јавно учество (СЛАПП).
Случајот е регистриран и на меѓународната Платформа за мапирање на медиумски слободи (Mapping Media Freedom), а осуда на ваквата пракса изразија и Меѓународната федерација на новинари и Европската федерација на новинари.
Од ССНМ и ЗНМ порачуваат дека ваквите одлуки нема да ги обесхрабрат, туку дополнително ќе ги мотивираат да застанат зад независните медиуми и јавниот интерес.