ССМ: „Следниот пат ќе дојдеме на генерален штрајк, кој ќе чини многу повеќе од нашите работнички плати“

Синдикатот бара минимална плата од 600 евра и линеарно зголемување од 6.000 денари, најавувајќи дека блокадите ќе продолжат и пред Владата

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска ја блокираше Стопанската комора во рамки на најавените протести за зголемување на минималната плата и повисоки примања за работниците, испраќајќи порака дека нема да отстапи од барањата.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека на протестот учествувале 21 лице пред Стопанската комора и 21 лице на блиската раскрсница, оценувајќи дека бројката е последица на притисоци и закани кон работниците.

„Одлучивме дека на истиот начин ќе ја блокираме Владата и во вторник“, порача Трендафилов, додавајќи дека синдикатот ќе продолжи со блокади и покрај, како што рече, сите притисоци.

Од ССМ тврдат дека дел од работодавачите ги заплашуваат вработените за да ги спречат да се приклучат на протестите и евентуален генерален штрајк. Синдикатот протестира, како што наведоа, „пред газдите кои одбиваат да ги зголемат платите само затоа што законот не се променил“, обвинувајќи ги дека не дозволуваат синдикално организирање во голем дел од приватниот сектор.

Трендафилов упати порака и до работниците, посочувајќи дека, според нивните проценки, само еден од десет вработени активно се бори за своите права.

„Може само да замислиме што ќе се случеше ако се бореа осум од десет вработени. Ако од 540.000 вработени излезеа барем 100.000“, изјави тој, најавувајќи дека следниот чекор може да биде генерален штрајк.

ССМ побара минималната плата да се зголеми на 600 евра, како и линеарно зголемување од 6.000 денари за сите останати плати. Од синдикатот предлагаат Владата да ги преземе придонесите за зголемениот дел од платите, со цел да се олесни товарот врз работодавачите.

„Доколку нешто не се промени, следниот пат ќе дојдеме со генерален штрајк кој ќе ги чини многу повеќе од нашите работнички плати“, порачаа од ССМ, оценувајќи дека евентуално затворање на компаниите и институциите би имало поголема економска цена од сегашното барано зголемување.

Контекстот на протестот е поврзан со долгогодишните барања на синдикатот за усогласување на платите со растот на трошоците за живот. Според ССМ, сегашната минимална плата не ги покрива основните животни трошоци, а во услови на зголемени цени неопходно е зголемување на примањата за да се задржи работната сила и да се подобри животниот стандард.

Претходно, синдикатот организираше протест и пред Собранието, барајќи законски измени што би овозможиле зголемување на минималната плата. Од Стопанската комора засега нема официјална реакција на денешната блокада.

Во меѓувреме, протестите добија и политичка димензија. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, објави видео на социјалните мрежи во кое тврди дека претседателот на ССМ користел службено возило за приватни потреби.

Од синдикатот оценија дека станува збор за обид за дискредитација во период на засилени синдикални активности. Трендафилов најави дека ќе побара од Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство да постапат по случајот, тврдејќи дека со објавата биле изложени и неговите малолетни деца, што според него претставува злоупотреба и притисок.

ССМ најавува дека протестите ќе продолжат и во наредниот период, со можност за дополнителни блокади доколку нивните барања не бидат разгледани во рамки на социјалниот дијалог.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни