ССМ повикува на масовен протест за повисоки плати на 14 март

Сојузот на синдикатите на Македонија најави голем протест на 14 март во Скопје со барање минималната плата да се зголеми на 600 евра.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави голем работнички протест на 14 март, кој ќе започне во 12:05 часот пред Работничкиот дом во Скопје. Протестниот марш ќе продолжи кон Собранието, Стопанската комора и Владата, каде синдикатите ќе ги изнесат своите барања.

Главното барање на ССМ е зголемување на минималната плата на 600 евра, како и покачување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.

Од Синдикатот посочуваат дека законското усогласување од 1.667 денари е недоволно, особено ако се земе предвид дека трошоците за живот во првите два месеци од 2026 година се зголемени за повеќе од 2.000 денари.

Третина од работниците со плата под 30.000 денари

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, истакна дека според податоците на Управата за јавни приходи една третина од вработените во државата примаат плата под 30.000 денари, што, според него, ја прави масовноста на протестот клучна за исполнување на синдикалните барања.

Тој ја критикуваше власта дека наместо да ги зголеми платите на работниците, се обидела да го пренасочи вниманието со најави за намалување на функционерските плати.

„За еден час беа изменети шест закони со кои функционерите си ги зацврстија своите високи примања, што покажува дека се грижат само за себе, а не и за работниците“, изјави Трендафилов.

Бесплатен превоз за работниците

Од ССМ информираат дека 14 март е неработен ден (сабота), па според нив никој нема оправдување за отсуство од протестот.

За работниците од другите градови ќе биде организиран бесплатен превоз до Скопје, а деталите за организацијата ќе бидат објавени во наредните денови.

Трендафилов додаде дека ССМ останува на ставот дека, доколку барањата не бидат исполнети, можна е и организација на генерален штрајк, што ќе зависи од поддршката на работниците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни