ССМ најавува блокада на Владата и генерален штрајк: Бараат минимална плата од 600 евра

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) утре напладне ќе ја блокира зградата на Владата во знак на протест поради, како што велат, игнорирањето на барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра и покачување на останатите плати за 100 евра.

Од ССМ порачуваат дека револтот меѓу работниците расте, особено по тоа што пратениците не го прифатиле нивното барање за намалување на платите на функционерите за 80 проценти, со цел да се намали основицата за пресметка на просечната и минималната плата.

„Ќе се видиме утре во 11:00 пред Владата. Не се откажуваме додека не се зголемат минималните и другите плати“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Трендафилов најави дека по утрешната блокада, следен чекор ќе биде генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор. Според најавите, штрајкот би се одржал на целата територија на државата, а работниците од приватниот сектор ќе бидат повикани да не одат на работа и да се приклучат на протестот.

Одлуката за генерален штрајк ќе се донесе по утрешниот протест и по исходот од седницата на Владата.

„Работникот добива само 17% од продуктивноста“

На последната седница на Социо-економскиот совет, Владата и работодавачите го образложиле непокачувањето на платите со продуктивноста на трудот. ССМ, пак, се повикува на податоци од Меѓународната организација на трудот, според кои работниците во Македонија создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата.

Според податоците, БДП по работен час изнесува околу 34 американски долари, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Ако се земе просечно месечно работно време од 168 часа, еден работник создава вредност од околу 297.024 денари месечно. Во споредба со тоа, минималната нето плата изнесува 24.379 денари.

Од ССМ тврдат дека тоа значи оти работникот со минимална плата добива само околу 17 проценти од вредноста што ја создава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни