Срушен авион на „Ер Индија“ со 242 лица – засега без информации за жртви

Авион на индиската компанија „Ер Индија“, со најмалку 242 лица на бордот, се сруши во близина на аеродромот во западниот индиски град Ахмедабад, соопштија претставници на компанијата и полицијата.

Леталото било на пат кон аеродромот Гетвик во Лондон, Велика Британија, потврди „Ер Индија“, додека од полицијата информираа дека авионот се урнал во цивилна зона недалеку од аеродромот.

„Во моментов ги проверуваме сите детали и ќе споделиме дополнителни информации наскоро“, објави компанијата на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер).

Според индиски медиуми, несреќата се случила при обидот за полетување. Снимки од местото покажуваат запалени остатоци и густ црн чад што се издига над областа.

На видеата се гледаат и спасувачи како носат повредени лица на носилки и ги транспортираат со возила на итната помош.

Според индиската новинска агенција АНИ, повикувајќи се на полициската контрола на сојузната држава Гуџарат, во авионот имало вкупно 242 патници и членови на екипажот. Телевизијата CNN-News18 пак, пренесува дека се работи за 220 патници и 12 членови на екипажот.

Засега нема потврдени информации за бројот на жртви или повредени. Се очекуваат дополнителни детали од надлежните служби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни