Монодрамата „Мајорот и Хелена“ е инспирирана од вистинската животна приказна на Хелена Вуковиќ, поранешен српски мајор кој одлучил да го промени полот и да го живее својот автентичен идентитет. Преку оваа претстава, авторот Алекса Јовиќ ја оживува нејзината борба за прифаќање, храброст и слобода во општество полно со предрасуди.
Трн: Како започна вашето патување со оваа претстава? Дали имавте блиска средба со транс-личност пред да ја создадете приказната?
Алекса: Првата транс личност што ја запознав беше Хелена Вуковиќ, и тоа кога бев тинејџер. Во мојот роден град имаше проект каде што учествуваше и Хелена, па имав можност да ја запознаам. Нејзината приказна за мене звучеше како нешто од холивудски филм – толку впечатлива и инспиративна, што се прашував како никој досега не направил филм за неа. Подоцна, кога започнав мастер студии, решив дека оваа приказна мора да оживее преку театар. Ја контактирав Хелена, и така започна нашата соработка на монодрамата „Мајорот и Хелена“.
Трн: Како ја доживувате улогата на Хелена? Дали чувствувавте страв дека можете да направите карикатура или да не ја прикажете приказната на автентичен начин?
Алекса: Тоа беше мојот најголем страв. Целосно се посветив на нејзината приказна и сакав да ја раскажам со максимална почит и вистинитост. Се фокусирав на човечкото во приказната – да ја пренесам суштината на нејзиниот живот и борба, наместо да паѓам во клишеа или карикатури. Како актер, мојата цел беше публиката да ја разбере нејзината перспектива и да почувствува што значи да се соочуваш со толкави бариери.
Трн: Дали претставата влијаеше на вашето гледиште за транс-заедницата и општествените предрасуди?
Алекса: Моето мислење за транс-идентитетите и пред претставата беше многу позитивно, бидејќи доста се едуцирав на оваа тема. Но, низ процесот на подготовка сфатив дека проблемот не лежи во личностите, туку во општеството. Главната пречка е незнаењето. Многумина имаат предрасуди не од омраза, туку од недоволна информираност. Затоа оваа претстава ја гледам како можност да го променам тој наратив и да донесам разбирање преку театарот.
Трн: Што сметате дека оваа претстава може да промени во односот на општеството кон транс-заедницата?
Алекса: Театарот има моќ да поттикне размислување, особено кај оние што се подготвени да слушнат и да се запознаат со различното. Иако оваа претстава нема да ја смени целата заедница, верувам дека може да направи „домино ефект“. Најпрво публиката ќе ја разбере приказната, а потоа тие ќе го споделат своето искуство со другите. Така можеме полека да ја шириме свеста за темата.
Трн: Што мислите, дали современото општество, особено на Балканот, е подготвено да прифати и поддржи транс-личности на истиот начин како што ги прифаќа другите луѓе? Какви би биле вашите предизвици, ако сте на местото на транс лице во денешно време?
Мислам дека не, мислам дека е работата во потиснувањето, која држава повеќе ја потиснува конкретно таа заедница и мислењето за таа заедница и мислам дека во секоја држава постои некоја борба и мислам дека се многу мали разликите кои повеќе или помалку ја почитува, но во суштина мислам дека незнаењето го прави најголемиот проблем на транс заедницата. Мислам дека и понатаму сме многу далеку, се случија неколку страшни несереќи во Србија, во транс заедницата така што тоа ни зборува дека не сме ни близу таа победа ама се надевам дека наскоро ќе доживее некој напредок на Балканот.
Трн: Кои се коментарите за „Мајорот и Хелена“ досега? Дали се соочивте со негативни реакции?
Алекса: Сосема спротивно од тоа што очекував! Коментарите се прекрасни, многу позитивни. Се плашев дека ќе има некои негативни реакции, но еве веќе две години од премиерата, и понатаму сум дочекан со поддршка. Ова ме мотивира да продолжам понатаму.
Трн: Што сакате публиката да понесе со себе по гледањето на претставата?
Алекса: Би сакал публиката да ја почувствува приказната на свој начин. Можеби ќе се препознаат себеси или ќе размислат за сопствените предрасуди. Мојата задача е да раскажам една искрена и храбра приказна, а публиката сама ќе ги открие пораките што ги носи „Мајорот и Хелена“.
Со оваа претстава, Алекса Јовиќ не само што раскажува приказна, туку отвора и простор за неопходен дијалог за транс-идентитетите на Балканот. Тоа е чекор напред кон поинклузивно и емпатично општество.