Српската полиција денеска упаднала во просториите на четири невладини организации во земјавата, како што соопштија, по наредба на Антикорупциската управа во белградското обвинителство.
Полицијата упаднала во просториите на Граѓански иницијативи во Белград, во ЦРТА, Фондацијата Траг и Центарот за практична политика
Како што дознава ДВ, полицијата најпрвин побарала разговор со одговорните лица во овие организации. Главниот јавен обвинител Ненад Стефановиќ рече дека од четирите организации била задржана целата документација поврзана со донациите на УСАИД.
Драган Поповиќ, претседател на Центарот за практична политика, вели дека неговата организација никогаш во својата историја не соработувала со УСАИД и не била активна во последните години.
„Ова е притисок врз граѓанските организации, а УСАИД е само фронт“, вели Поповиќ.
Во понеделникот, претседателот Александар Вучиќ на телевизија Хепи објави „помош“ на американското Федерално биро за истраги (ФБИ) „во истрагата за финансирањето на српските невладини организации“.
„Нема сомнеж, ќе соработуваме многу тесно со ФБИ за ова прашање“, рече Вучиќ.
Од Граѓански иницијативи Белград објавија дека полицијата упаднала во нивните канцеларии утрово во 9 часот и 20 минути тврдејќи дека имаат налог од обвинителството за проверка на работата, иако не го покажале истиот.
„Ова е сериозен напад врз основните граѓански права и продолжување на незаконскиот притисок врз граѓанското општество во Србија. Владејачките структури се обидуваат да спроведат механизми на заплашување и прогон без да го донесат Законот за странски агенти, кој влезе во собраниска процедура, а се уште не е формално донесен. Оваа употреба на полицијата за политички цели претставува груба злоупотреба на државните институции за сузбивање на неистомислениците и континуирано задушување на слободното и демократско дејствување во Србија“ велат од организацијата.
Граѓанските иницијативи најостро го осудуваат овој напад врз граѓанските организации и бараат надлежните органи веднаш да ја објаснат основата за ваквото постапување и да престанат да ги злоупотребуваат институциите за политички цели.
Реагираа и од асоцијацијата Независна кулурна сцена на Србија, кои рекоа дека повторно сведоичме на брутален притисок врз граѓанскиот сектор во Србија и врз организациите кои преку низа активности се обидуваат да мобилизираат, да ги зајакнат и поддржат самоорганизираните групи граѓани и организации кои се борат за правата на граѓаните, маргинализираните групи, за демократските принципи, за контрола на власта, против злоупотребата и манипулацијата со јавните ресурси од страна на мал број привилегирани политички членови на партијата.
„Организациите посочени од обвинителството со децении придонесуваат за развојот на граѓанскиот сектор во Србија, придонесуваат во борбата за фер и правични избори, ги контролираат јавните процедури и ја информираат јавноста за манипулации и злоупотреби на нашите заеднички ресурси, вклучувајќи го буџетот, природните и просторните ресурси и имотот. Утринава упад на полицијата во просториите на одредени организации претставува уште еден обид за заплашување, притисок и злоупотреба на јавните институции за справување со сите кои се осмелуваат да ги контролираат и критикуваат актуелните политики на владејачката партија во интерес на сите граѓани“ велат тие.