Додека многумина денес го слават Денот на вљубените, има и луѓе кои се во потрага по ова чувство. Како да ја пронајдете, негувате и чувате вистинската љубов? Експертите велат дека љубовта не е само страст и пеперутки во стомакот, туку и разбирање, поддршка и секојдневна посветеност на партнерот. Еве како да се подготвите за љубовта и како да ја негувате откако ќе ја пронајдете.
„Љубовта не е бегство од осаменоста, ниту нешто што треба да не спаси. Кога сме во мир со самите себе, кога знаеме кои сме и што сакаме, тогаш сме подготвени за врска која нема да се заснова на потреба, туку на вистинска поврзаност. Ако очекуваме некој да ги пополни нашите празнини и да не излечи од нашите стравови, ние влегуваме во врска од погрешни причини. Љубовта доаѓа кога веќе не се плашиме од осаменоста, туку кога ја гледаме како простор за сопствен раст – тогаш можеме да го споделиме животот со некого од вистинска слобода, а не од страв“, вели терапевтот, Стефан Радовиќ.
Многумина кои се сингл често се прашуваат како да го привлечат вистинскиот партнер и кои се местата каде што можеме да го запознаеме.
„Љубовта не е прашање на среќа или случајност, туку на енергија што ја носиме во себе. Ако во нас има простор за љубов, доверба, отвореност и подготвеност за споделување, ќе дојде вистинскиот партнер. Наместо да ја бркаме љубовта, ние треба да станеме таа. Ова значи да се однесуваме кон себе со љубов, да избираме луѓе и ситуации кои не исполнуваат и да знаеме што навистина ни треба. Љубовта доаѓа кај оние кои се подготвени да сакаат, а не само кај оние што ја сакаат“, вели тој.

Откако ќе го пронајдете вистинскиот партнер, клучното прашање е како да го задржите, или како да ја негувате љубовта во врската. Дали постои магично стапче кое може да ги реши емотивните кризи во врската?
„Љубовта не се случува сама – таа бара внимание, посветеност и секојдневни мали избори кои градат врска. Клучните елементи се довербата, комуникацијата и емоционалната блискост. Партнерите кои се среќни во врската не земаат се здраво за готово, туку се трудат да покажат љубов секој ден – преку зборови, допири, мали гестови и поддршка.
Љубовта расте кога се чувствуваме видени, слушнати и прифатени и кога знаеме дека личноста до нас е таму не само кога е лесно, туку и кога е тешко. Ниту една врска не е совршена, но разликата помеѓу среќните и несреќните парови е како тие се справуваат со предизвиците. Љубовта не е отсуство на конфликт, туку начинот на кој го решаваме. Наместо обвинувања и молк, важна е искрената комуникација и разбирањето. Наместо да се оддалечите кога ќе се појави проблем, важно е заедно да се соочите со него. Љубовта не се мери само со убавите моменти, туку и со тоа колку сме спремни да растеме заедно, дури и кога не е лесно – смета терапевтот Радовиќ.
Како што сè има свој животен век, така и љубовта не трае вечно. Како да ја одржите страста и блискоста во долгите врски?
Страста не избледува со времето, туку со занемарувањето. Блискоста не е нешто што се случува еднаш и трае вечно – таа се гради и обновува одново и одново. Вистинската љубов не е совршена, но безбедна е кога сакаме без страв, тогаш знаеме дека сме нашле дом во нечие срце. Малите гестови на внимание, изненадувања, споделување нови искуства и ранливост пред партнерот одржуваат врска. Кога постојано учиме еден за друг, кога не престануваме да се освојуваме и да се смееме заедно, љубовта останува жива.