Горан беше многу модерно, често посакувано и давано име по втората светска војна во наша Македонија и (наша) Југославија. Можеби заради нишката пролет и притаената револуционерност кои ги носи во себе. Можеби само поради тоа што звучеше свежо и спротивно на сите тие зачмаени, „старовремски“ и библиски имиња, кои им ги давале на нашите луѓе во првата половина на дваесеттиот век. Како да преовладуваше едно чувство и потреба да се одлепиме од мувлата на претходното време, кое буквално опиваше со својата застоеност, патријархална темнина и ропска парализа. Небаре новите, модерни имиња ќе помогнат во тој нагон да расчистиме со аромите и рутините на старите навики.
Брат ми се вика Горан. Всушност една од првите мои јасни животни мемории и борби е борбата да му го дадат токму тоа име на мојот помал брат. Но имам и поголем брат со истото име. Всушност, сите ние овдека имаме постар брат кој се вика Горан. Ете Горан Стефановски, така? Класичен повозрасен брат, кој секогаш има нешто да ни каже, да прекори и да поучи. Доколку го слушаме, се разбира. Можеби не секогаш е во право, но во најмала рака треба да се внимава на неговите зборови. А тој, во клета борба против заборавот, сериозно се потруди тие зборови да останат и запишани.
Роден на 27 април (значи утре му е роденденJ) далечната 1952 година во Битола, оваа димензија ја напушти кон крајот на 2018та година. Сепак, овој наш брат Горан, засекогаш ќе остане тука, на клупата на плоштадчето “Ти и јас“, во Дебар Маало, Скопје. Дефинитивно наш човек. Згодна е клупата, јавна а интимна, токму во делот од градот каде што овој Горан сакаше да крстари со својата екипа. Фино место. Во секое време можете да седнете на разговор со великодушен дискутант. Во отсуство на постар брат или татко, последниве години, често разговарам токму со него. За што тоа разговараме? Па зборуваме за Македонија. Еве на пример:
Како тоа успеавме да се доведеме до ова “дереџе“ во умот, да “зјапаме“ со одушевување во мракот на ропствата минати, мислејќи дека слободата денешна ни е проклетство?
Како успеавме да се вратиме во канџите на патријархалниот монструм на самиот почеток на 21виот век и зошто? Зошто повторно им даваме библиски и “старовремски“ имиња на децата, а се што е напредно ни стана туѓо? Зошто Македонецот посакува “метеор да не удри“ и многу други прашања. Тоа е можеби светски тренд, вели Горан. Сепак не ми се допаѓа и води во пропаст, му велам… и така натака… Не, навистина си зборуваме J
Уште кажува Горан, дека опасно му пречи она безмерно постхумно величање. Онаа глупава практика по “смртта“ на великанот, кога и ќоро и сакато го форсираат ликот и делото, што безмалку преминува во насилство, пред се на социјалните мрежи, но со потенцијал да се прелее и во таканаречената реалност. Тој вели дека никогаш не бил насилно типче и дека би претпочитал трезвено толкување и сериозна реевалуација на неговото дело. Само преку такво преиспитување, секоја нова генерација би можела да го почувствува вистински близок и се разбира, да научи нешто од него. Се чини дека во нашата македонска реалност секогаш ќе бидат присутни неговите драмски архетипови: луѓе – нелуѓе, патријархални скотови, предавници, мрзливци, бесни револуционери кои кријат немоќ позади големи зборови. Токму немоќта е можеби највоспеана во неговите дела. Нашата немоќ. Можеби токму тоа највеќе му го забележувам во нашите разговори. Можеби треба да најдеме нешто друго да опеваме во нашите најдобри дела. Некоја подобра наша карактеристика. Макар ја измислиле! А тој не ми се лути. Сака критика. Сака нови идеи.
Си велам, кој сум јас да ги кажувам сите овие нешта? Ми светнува! Јас сум токму таа следна генерација, која растеше на слободоумноста на луѓето како Горан. Надградуваше на придобивките на добриот живот во слобода, од кој инспирација црпеше неговата генерација. Генерација која ни даде државотворна културна супстанца. Духовна маса на која се потпре и отскокна мојата генерација, но и сите следни генерации на оваа слободна земја. За нас музичарите, таа негова генерација ни ги даде Леб и Сол. Ете имаме заеднички брат и со Влатко Стефановски. Горан. Неверојатно име. Влатко знае, веројатно попрецизно од сите нас, колку е добро да се има брат Горан и тоа литерат од врвен ков. Понекогаш може и да ти напише текст за некоја од легендарните песни на Леб и Сол. Токму неколку од тие песни Горан – Влатко, ќе бидат исполнети од неколку помлади музичари утре, на 27 април, кај клупата на Горан. Една од песните “Ја нисам твој“, ќе ја отпеам и јас, му велам на Горан. Му велам ја препеав, сега се вика “Јас не сум твој“, на Македонски ќе биде текстот. Ми вели Горан: ти ќе ја пееш? Му велам ДА. Ми вели НЕМОЈ
Среќен роденден Горан. Какви и да сме, те сакаме.