Средношколската видеолектира, како дел од едукативната програма, се одржа на 9 април, при што ученици од повеќе градови во Македонија го гледаа култниот француски филм „Омраза“ (1995) на режисерот Матје Касовиц, во соработка со Францускиот институт во Скопје – Institut français de Skopje.
Во рамки на програмата, учениците добија задача да напишат филозофски есеј на тема:
„Анатомија на падот: ‘Засега е добро…’ или зошто одбиваме да го гледаме распадот околу нас?“
По проекцијата во Културно-информативниот центар во Скопје, м-р Виктор Јованоски, член на тимот на Филозофскиот филмски фестивал, одржа излагање во кое ги воведе учениците во темата на есејот. Тој отвори прашања поврзани со перцепцијата на општествениот распад, начинот на кој се толкува реалноста, како и теоретски пристапи на повеќе автори кои се занимавале со овие феномени.
Целта на програмата е младите да се поттикнат на критичко размислување и анализа на општествените процеси преку филм како медиум, но и преку личен есеј како форма на изразување.
Сите заинтересирани ученици, како и оние што ќе учествуваат во пишувањето на есејот, можат дополнително да ја истражат темата преку видеото достапно на официјалниот YouTube канал.