Тимот „Playful Pages“, составен од ученици од велешкото училиште „Јовче Тесличков“, победи на Националниот натпревар за ученички компании организиран од Џуниор Ачивмент Македонија, а овие денови, средношколците ја претставуваат Македонија на најголемиот европски фестивал за претприемништво – Gen-E 2025, кој се одржува од 1 до 3 јули во Атина.
Овој настан секоја година обединува повеќе од 1000 ученици, студенти, ментори и наставници од над 40 земји. Покрај младите претприемачи, присутни се и претставници на европски институции, лидери од бизнис-заедницата, инвеститори, и креатори на политики кои заедно ја поддржуваат новата генерација на европски иноватори. Ученичките тимови ги презентираат своите бизнис идеи и се натпреваруваат за титулите најдобра ученичка компанија и најдобар стартап на годината.
Натпреварувачите се избрани од повеќе од 500.000 ученици кои учествувале во програмите за претприемништво на Џуниор Ачивмент низ Европа во изминатата година.
Тимот на„Playful Pages“ од Велес, во Атина презентира оригинална бизнис-идеја – прва инклузивна сликовница на македонски јазик, која преку аудио, видео и визуелна поддршка ги оживува заборавените традиционални детски игри.