Средношколци од Кавадарци измислија нов крем за раце

Средношколци од фармацевтска струка во Кавадарци произведоа крем за раце од масло од гроздови семки, информираа вечерва од средното општинско училиште ,,Ѓорче Петров”. Оттаму нагласија дека ова е уште еден производ плус во училишната фармацевтска лабораторија. 

– Учениците од IV- 5 фармацевтски техничари под менторство на професорот Блаже Ѓорчев, изработија нов производ, крем за раце од масло од семки од грозје и арган, по повод одржувањето на манифестацијата во чест на младото вино, што традиционално се одржува секој ноември во нашето училиште, појаснија од оваа воспитно – образовна установа. 

Притоа истакнаа дека маслото од  семки од грозје има исклучително голема функција при негата на кожата, содржи букет од фенолни соединенија со антиоксидантни, антибактериски и антиинфламаторни својства, содржи омега-6 масни киселини, полифеноли, витамин Е. 

Од училиштето нагласија дека ваквото масло се користи како основа за производство на локални дејства на кожни лекови, бидејќи обезбедува многу добро впивање и пенетрација на активните состојки во длабочина.

– Дрвото арган од видот Argania spinosa, познато и како течното злато на Мароко, е еден од најстарите видови на дрво на земјата. Арганово масло е едно од ретките и најскапите масла на светот. Неговите тајни својства беа откриени во поново време во светот на убавината, сега се многу добро познати за козметичките придобивки. Аргановото масло има широка употреба и мултифункционалност. Се употребува на кожата, косата, ноктите и усните. Ја регулира влажноста, ги регенерира клетките и има хранливо и балансирачко дејство, подвлекоа од училиштето во Кавадарци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни