Македонија старее побрзо од порано: Средната возраст 42,21 година, ЕУ на 44,9

За десет години населението во земјава „остаре“ за речиси пет години, додека во ЕУ просекот достигна 44,9 години според најновите податоци на Еуростат

Средната возраст на населението во Македонија изнесува 42,21 година, покажуваат најновите податоци на Еуростат за 2025 година. Во споредба со 2015 година, кога средната возраст била 37,4 години, тоа претставува пораст од речиси пет години за една деценија, што укажува на забрзано стареење на населението.

На ниво на Европската Унија, средната возраст на 1 јануари 2025 година достигнала 44,9 години. Тоа значи дека половина од жителите на Унијата се постари од 44,9 години, а другата половина се помлади. Во 2015 година, просекот во ЕУ изнесувал 42,8 години, што значи дека за десет години е зголемен за 2,1 година. Зголемување на средната возраст е забележано во речиси сите земји членки, освен во Германија и Малта.

Низ Унијата, средната возраст варира од 39,6 години во Ирска до 49,1 година во Италија, што ја прави Италија земја со најстаро население во ЕУ. Најизразено стареење во изминатата деценија е регистрирано во Словачка и Кипар, каде средната возраст пораснала за четири години, а следуваат Италија, Грција, Полска и Португалија.

Во регионален контекст, од соседните земји помлада популација од Македонија има само Црна Гора со средна возраст од 40,4 години. Постаро население имаат Албанија со 44,3 години, Србија со 45,4 години, Хрватска и Словенија со по 45,5 години, додека Грција и Бугарија имаат средна возраст од 47,2 години.

Податоците на Еуростат покажуваат дека населението на ЕУ на 1 јануари 2025 година се проценува на 450,6 милиони жители. Од нив, 14,4 отсто се деца на возраст од 0 до 14 години, 63,6 проценти се лица од 15 до 64 години кои се сметаат за работоспособни, додека 22 проценти се лица на возраст од 65 години и повеќе, што претставува зголемување во однос на претходната година. Уделот на деца е највисок во Ирска, а најнизок во Италија, Малта и Португалија, при што во повеќето земји од ЕУ продолжува трендот на намалување на младата популација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни