Среброто над 40 долари, златото кон нов рекорд: Што ги турка цените нагоре?

Цената на среброто надмина 40 $/унца – првпат по 2011 – додека златото се приближува до нов рекорд. Откријте што ги турка цените нагоре: ФЕД, слаб долар и индустриска побарувачка.

Среброто денеска го надмина прагот од 40 долари за унца – највисоко ниво од септември 2011 – додека златото повторно се доближи до рекордната територија, тргувајќи околу 3.476 долари за унца во утринската европска сесија. Наглото зголемување на цените се потпира на зголемени очекувања за намалување на каматните стапки од страна на ФЕД, ослабен долар и правна неизвесност околу американските царини – фактори што ја зголемуваат привлечноста на благородните метали како сигурно засолниште.

Што точно се случува со пазарот?

Според „Ројтерс“, спот-златото достигна четиримесечен врв, додека среброто скокна над 40,6 долари за унца – првпат по повеќе од една деценија. Движењата се засилија во релативно тенка празнична трговија во САД и по „гълбовски“ изјави од страна на членови на ФЕД, кои ги зајакнаа очекувањата за септемвриско намалување на каматите за 25 базични поени.

Дополнително, пресудата на американски апелациски суд со која значаен дел од тарифите на федералната администрација се прогласени за незаконски – го ослаби доларот, што пак традиционално е позитивен сигнал за цените на златото.

Гледано пошироко, златото веќе го надмина историскиот рекорд од 3.128 долари за унца на 31 март годинава, под влијание на страв од трговски војни и силен прилив на капитал во златни ЕТФ-и. По неколкумесечна консолидација, денешниот скок повторно ја доближува цената до тие рекордни нивоа.

Три главни двигатели зад растот

Монетарна политика и слабиот долар

Очекувањата за намалување на каматните стапки ја намалуваат атрактивноста на приносиносните инструменти, правејќи ги благородните метали – кои не носат камата – попривлечни. Истовремено, послабиот долар ја зголемува куповната моќ на странските инвеститори. Денешните пазарни цени се класичен пример за овој двоен ефект.

Централнобанкарска побарувачка

Светскиот совет за злато објави дека централните банки продолжиле со значителни набавки и во 2025 година: 244 тони во првиот квартал (со Полска како најголем купувач) и дополнителни 166 тони во вториот квартал. Тоа го прави првото полугодие едно од најсилните досега. Анкетата на Советот открива и важен тренд: 73% од централнобанкарските институции очекуваат намалување на уделот на доларот во своите резерви во наредните пет години – што индиректно значи простор за повеќе злато.

Индустрискиот момент на среброто

Освен инвестиционата атрактивност, среброто има и силна индустриска примена. Според Silver Institute, индустриската побарувачка во 2024 достигнала рекордни 680,5 милиони унци, додека пазарот влегува во четврта година по ред со структурен дефицит – од околу 149 милиони унци. Иако 2025 носи поголема ефикасност во употребата на сребро (особено кај соларните ќелии), останатите сегменти – како електроника, електрични возила, медицински уреди и фотоволтаици – продолжуваат да ја поттикнуваат побарувачката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни