Цената на среброто денеска порасна за повеќе од 4%, достигнувајќи рекордни околу 51 долар (44 евра) за унца, што се припишува на зголемената побарувачка од страна на инвеститорите кои бараат сигурни вложувања.
Според податоците од „Трејдинг економикс“, со ова зголемување среброто ја надмина претходната максимална цена од 1980 година, продолжувајќи го силниот раст што го бележи оваа година.
Во 2025 година, среброто поскапело за повеќе од 70%, надминувајќи го златото, поради финансиските ризици во САД, можноста за намалување на каматните стапки, прашањата околу независноста на Федералните резерви (FED) и загриженоста за глобалниот дефицит и долг.
Ограничената достапност на слободното сребро на лондонскиот пазар дополнително го поттикна растот на цените, а се очекува побарувачката за овој благороден метал – кој се користи и за инвестиции и за индустриски потреби во соларни панели и ветерни турбини – да ја надмине понудата и во 2025 година, петта година по ред, јавува Танјуг.