Срцето на Сараево отиде кај „Ветре, кажи ми нешто“, „DJ Ахмет“ на Ѓорѓи Унковски со две награди

Триесет и првото издание на Сараевскиот филмски фестивал заврши, свечено, гламурозно, со црвен тепих и во знакот на срцата. Големата награда „Срце на Сараево“ ја доби филмот на Стефан Ѓорѓевиќ – „Ветре, кажи ми нешто“ (или подобро преведено: кажи ми што да мислам).

Во народниот театар во Сараево, публиката и гостите аплаудираа, а публиката повторно гледаше фестивал што одамна престана да биде само културен настан. SFF е веќе политичка сцена, гламурозна писта, и поле на борба за тоа кој ќе се прогласи за европски, прогресивен и автентичен.

Младите перспективи беа наградени, македонскиот филм „DJ Ахмет“ на Ѓорѓи Унковски доби награда за ведрата и чувствителна приказна за младите кои ја преиспитуваат својата заедница, но и својата традиција. Родова рамноправност се промовираше преку документарецот „Бог нема да помогне“ на Хана Јушиќ. Фестивалот прерасна и во место, каде што филмот мора да биде и политичка порака, а не само уметност.

Кратки филмови, долги пораки

Наградите за кратки филмови отидоа кај: „Зима во март“ на Наталија Мирзојан, „Ерасерхед во плетена кеса за шопинг“ (да, токму така се вика), и уште неколку филмови со имиња што повеќе личат на арт-инсталација отколку на кино искуство.

Документарците беа уште појасни – „Нашето време ќе дојде“, „Земја за мажи“ (која патем добива и оскаровска номинација), па дури и „Во пеколот со Иво“.

Глумци, глумици и престиж

За најдобар актер беше крунисан Андрија Кузмановиќ, додека цел женски ансамбл од филмот „Fantasy“ ја понесе заедничката награда – како знак дека колективноста сè уште може да изгледа „модерно“.

Ивана Младеновиќ ја доби наградата за најдобра режија, со што уште еднаш се потврдува дека Балканот сака да произведува „авторски имиња“ кои изгледаат европски, а во суштина се натпреваруваат во кој подобро ќе ја продаде својата национална траума.

SFF е фестивал кој одамна не е само за филм. Тој е огледало на нашата регионална потреба за признание, за престиж и за статус. „Срце на Сараево“ денес не е само награда – тоа е билет за европските фестивали, за покани на коктел-забави и за уште една диплома на ѕидот.

И додека Сараево го затвора 31. издание, прашањето останува исто: дали филмот навистина зборува со нас – или само ветрот?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни