Србија под снег: зимско невреме го отежнува сообраќајот, следуваат мраз и ледена дождовница

Снегот од утрово ги зафати северните и централните делови на земјата, а метеоролозите најавуваат дополнително влошување на временските услови во наредните денови.

Снегот од утрово почна да паѓа низ поголем дел од Србија, при што бела покривка брзо ги зафати бројни градови и патни правци, а на повеќе места се бележат и отежнати услови во сообраќајот.

Зимското невреме најпрво ги зафати северните и централните делови на земјата. Во Војводина, обилните дождови кои паѓаа во текот на вчерашниот ден и ноќта, утрово преминаа во снег, проследени со нагло опаѓање на температурите. Температурите се спуштија околу нулата, а во многу места веќе може да се забележи снежна покривка

Снег од раните утрински часови паѓа и во Белград, каде на одделни локации е забележана силна вејавица. Коловозите брзо се покриваат со снег и кашеста смеса, поради што надлежните служби апелираат на зголемена внимателност, особено на мостовите и главните сообраќајници.

Во централните делови на Србија, засега сè уште преовладува дожд, но со понатамошниот пад на температурите се очекува и таму врнежите да преминат во снег. За разлика од северот и западот, на југот и југоистокот на земјата времето е значително потопло, со температури и до 10 степени, што создава изразени температурни разлики на релативно мал простор.

На повисоките планински подрачја веќе има завеани патишта, а снежните врнежи дополнително го отежнуваат сообраќајот, особено надвор од урбаните средини.

Републичкиот хидрометеоролошки завод издаде предупредување за 4 и 5 јануари, кога се очекува создавање поголема снежна покривка и локална појава на ледена дождовница. Според најавите, во западна, југозападна, централна и источна Србија се очекува снежен покривач со висина од 10 до 20 сантиметри, додека во планинските предели локално може да наврне и значително повеќе снег.

Дополнителен ризик претставува најавената појава на дожд кој ќе се леди при допир со тлото. Леден дожд се очекува во утринските и вечерните часови, особено во областите јужно од реките Сава и Дунав.

Од надлежните институции апелираат на зголемена внимателност кај сите учесници во сообраќајот, поради лизгави коловози, намалена видливост и потенцијално опасни услови за движење во текот на следните денови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни