Од мај полесно плаќање во евра за граѓаните на Србија

Од 5 мај граѓаните и компаниите во Србија ќе можат да вршат плаќања во евра побрзо и поевтино преку SEPA системот.

Од 5 мај, граѓаните и компаниите во Србија ќе можат да вршат плаќања во евра под поедноставни и стандардирани услови, слично како корисниците во земјите членки на Европската унија, соопшти Делегацијата на ЕУ во Србија.

Европската зона за плаќања во евра (SEPA) обединува земји од ЕУ, како и Исланд, Норвешка, Лихтенштајн, Швајцарија и Велика Британија, а неодамна се приклучија и Црна Гора, Албанија и Северна Македонија. Во овие земји трошоците за трансфери значително се намалени, понекогаш и до десет пати.

Србија минатата година стана 41. членка на SEPA, систем кој овозможува безготовински плаќања во евра по единствени правила и стандарди меѓу сите членки. Овие промени значително ќе го забрзаат трансферот на пари и ќе ги намалат трошоците за трансакции од и кон странство. Средствата ќе се пренесуваат за еден работен ден, наместо за неколку дена.

За граѓаните ова значи побрзи и поевтини донации, а за компаниите – поедноставено плаќање на добавувачи и побрза наплата од партнери низ Европа со помали оперативни трошоци.

Влезот во SEPA им овозможува на банките во Србија да се приклучат на SEPA платните шеми и да извршуваат плаќања во евра според истите технички и деловни правила, без разлика дали трансакцијата е во земјата или меѓу различни членки на SEPA.

Во првата фаза, банките ќе се приклучат на SEPA Credit Transfer шемата, додека SEPA Instant, која овозможува трансфер на пари во рок од неколку секунди, се очекува во следните години.

Правилата на SEPA важат исклучиво за трансакции во евра и не налагаат дополнителни обврски за граѓаните и компаниите – важно е само да се користи точен IBAN број на сметката на примачот, а членството во SEPA не зависи од тоа дали еврото е официјална валута.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни