РХМЗ на Србија предупреди дека денес во земјата ќе преовладува облачно, ветровито и постудено време со врнежи и формирање снежна покривка во пределите јужно од реките Сава и Дунав од 8 до 20 сантиметри, додека на планините се очекуваат и поголеми количества снег. Престанокот на врнежите се очекува кон крајот на денот и во текот на ноќта кон среда.
Метеоролозите наведуваат дека влажниот снег со посилен интензитет може да предизвика проблеми во сообраќајот, намалена видливост и наталожување снег на патиштата, како и локални потешкотии во преносните системи.
Во ридско-планинските предели снег ќе паѓа во текот на целиот ден, додека во пониските места наутро се очекуваат дожд и лапавица, кои претпладне во западните, централните и источните, а попладне и во јужните делови ќе преминат во снег.
На северот од земјата ќе има мешани врнежи од дожд, лапавица и снег, а суво време се очекува само на северот од Војводина. Ветерот ќе биде слаб до умерен, а околу пладне и засилен, од северен и северозападен правец. Максималната температура ќе се движи од 0 до 3 степени, а на север од 4 до 6 степени.
Според прогнозата на РХМЗ, во среда и четврток времето ќе биде потопло со подолги сончеви периоди. Ново наоблачување со дожд во четврток кон крајот на денот ќе ги зафати Бачка, Срем, западна и југозападна Србија, а во петок ќе се прошири и во останатите предели, проследено со заладување. За викендот се очекува суво време со сончеви интервали и утрински мраз, додека од недела следува постепено затоплување.