Србија би можела да остане без околу 1,5 милијарди евра од европските фондови, откако Политико објави дека Европската комисија разгледува можност за суспендирање на дел од финансиската поддршка. Политико објаснува дека Брисел го поврзува евентуалниот потег со падот на демократските стандарди во Србија и со блиските односи на Белград со Москва.
Иако не е членка на ЕУ, од почетокот на преговорите за пристапување во 2014 година, Србија има право на средства и грантови наменети за спроведување на реформите.
„Се повеќе сме загрижени за тоа што се случува во Србија“, изјавила за Политико комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.
„Од закони што ја поткопуваат независноста на судството до потиснување на протестите и постојано мешање во независните медиуми. Комисијата проценува дали земјата се уште ги исполнува условите за исплаќања од финансиските инструменти на ЕУ“, рече Кос.
Сумата што се споменува не е случајна. Во последниот извештај за Србија, Европската комисија наведува дека земјата може да смета на индикативна алокација од 1,586 милијарди евра преку Reform and Growth Facility за Западен Балкан. Претходно и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Србија, во рамки на европскиот Growth Plan, треба да добие 1,5 милијарди евра, со префинансирање од 110 милиони евра како прв чекор.
Она што засега недостига е официјална потврда дека овие средства навистина ќе бидат блокирани. Во јавно достапните документи на Европската комисија нема објава за конечна одлука за суспензија на финансирањето за Србија.
Ако ваков потег сепак се случи, последиците би биле и политички и економски. Средствата од европскиот план не се само буџетска поддршка, туку се врзани со реформи, инвестиции и постепено приближување кон европскиот пазар.