Србија без нафта 47 дена – Белград уверува дека кризата е „под контрола“

Испораките преку Јанаф се прекинати речиси два месеци – Брнабиќ тврди дека нема причина за паника, но признава „тешка и чувствителна ситуација“.

Србија влегува во 47. ден без испорака на сурова нафта преку Јанаф, поради прекинот што произлезе од санкцискиот пакет на Министерството за финансии на САД за рускиот енергетски сектор. Иако Нафтената индустрија на Србија (НИС) се соочува со сериозни предизвици, официјалните власти тврдат дека ситуацијата е под контрола.

Претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ изјави утрово дека „состојбата е тешка, но нема причина за паника“. Според неа, Белград секојдневно работи на решение, а претседателот Александар Вучиќ продолжил со разговори со партнерите во САД и во доцните часови.

Брнабиќ посочи дека американските партнери не покажуваат „претерана флексибилност“, но дека сличен недостаток од разбирање доаѓа и од други актери, освен Србија која е директно погодена од кризата.

„На некои не им е ни грижа какви последици може да има ова за граѓаните и економијата“, изјави таа за РТС.

Прекинот на протокот преку Јадранскиот нафтовод започна пред речиси два месеци, но властите истакнуваат дека побарувачката за нафта на домашниот пазар засега е покриена. „И никој не го почувствува тоа… Ова не би било возможно во ниту една друга земја“, рече Брнабиќ.

Очекувањата се дека денешното обраќање на претседателот Александар Вучиќ во 11 часот ќе донесе појасна информација околу преговорите за издавање американска лиценца што би овозможила нормализирање на работата на НИС. Српските медиуми најавуваат дека главна тема ќе биде енергетската безбедност и потенцијалните сценарија доколку прекинот потрае.

Ситуацијата со нафтата станува сѐ посензитивна во контекст на регионалната енергетска нестабилност, а аналитичарите предупредуваат дека продолжен застој може да ја засили ценовната нестабилност и да отвори простор за дополнителен економски притисок врз Србија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни