Доколку не дојде до продажба во зададениот рок, српските власти најпрво ќе воведат принудна управа, а потоа на „руските пријатели“ ќе им понудат „највисока цена“ за откуп на уделот.
Вучиќ истакна дека Србија сака да постапи фер и коректно кон руската страна, оставајќи дополнително време за решение. „Важно е да покажеме колку го цениме пријателството и да бидеме добар домаќин за секоја инвестиција“, рече претседателот, додавајќи дека национализација нема да има, бидејќи „не сме ни комунисти, ни фашисти“.
Работата на рафинеријата во Панчево е веќе запрена поради недостиг од сурова нафта – директна последица од санкциите на САД врз руските нафтени компании поврзани со НИС. И покрај тоа, Вучиќ изјави дека државата е подготвена „50 дена да ги трпи сите последици“, уверувајќи дека снабдувањето на пазарот ќе биде обезбедено.
Паралелно со најавите од Вучиќ, Народната банка на Србија објави дека ќе го прекине платниот промет со НИС доколку компанијата не обезбеди нова лиценца за работа до дефинираниот рок. Централната банка објасни дека мерката е неопходна за да се зачува стабилноста на финансискиот систем и непреченото функционирање на платниот промет.
Откако стапија на сила американските санкции, на бензинските пумпи на НИС веќе не може да се плаќа со Мастеркард и Виза, но беше дозволено плаќање со Дина-картички. Во случај да се прекине и платниот промет преку системот на НБС, ќе биде оневозможено и оваа платежна картичка да се користи на пумпите на компанијата.
Извор: Мета.мк
