Српските власти и корпорацијата Rosatom започнале разговори за проектот за изградба на нуклеарна електрана во Србија, изјави амбасадорот на Србија во Москва, Момчило Бабиќ, за рускиот медиум „Известија“. Тој истакна дека напредок може да се очекува во наредните години, пренесува Biznis.rs.
„Сериозно разговараме со Rosatom. Мислам дека нема подобра компанија во светот за изградба на нуклеарна електрана. Убеден сум дека во наредните години ќе има напредок, бидејќи ни е потребна електрична енергија. Тоа сигурно ќе го направиме“, изјави Бабиќ.
Порталот потсетува дека Собранието на Србија во ноември 2024 година го укина мораториумот за изградба на нуклеарни електрани, кој беше во сила од 1989 година по несреќата во Чернобил. Одлуката е донесена бидејќи се проценува дека потрошувачката на енергија во земјата до 2050 година ќе се зголеми четирикратно, пренесува eKapija.
Во моментов, Белград избира партнер за овој стратешки проект, а покрај Русија, според рускиот медиум, во конкуренција се и Јужна Кореја, Кина и Франција. Владата на Србија во септември оваа година потпиша два меморандума за соработка со јужнокорејската компанија KHNP, додека францускиот EDF е ангажиран да изготви студија за потенцијалот на нуклеарната енергија во земјата.
Според „Известија“, аналитичарите сметаат дека понудата на Rosatom е најповолна бидејќи ги опфаќа сите сегменти – од проектирање и изградба, преку снабдување со нуклеарно гориво, до одржување и управување со отпадот. Како можни опции се разгледуваат голема електрана со два VVER-1200 реактори или помали модули од типот RITM-200 и RITM-400.
Се очекува, како што наведува рускиот портал, дека преговорите меѓу Србија и Русија би можеле да траат една до две години, по што би следела изградбата. Според досегашната практика, Rosatom би можел да обезбеди и поволен кредит за реализација на проектот.
Во текстот се истакнува дека експертите предупредуваат дека Европската унија може да се обиде да го ограничи руското учество, имајќи го предвид процесот на усогласување на Србија со европското законодавство и притисокот Белград да се приклучи на санкциите против Москва.