Србија вчера излезе на улица: “Нема да не газите!”

Студентите и граѓаните кои им се приклучија, оддадоа почит со 15 минути молчење за 15-те загинати на 1 ноември, кога на нив падна надстрешницата на железничката станица во Нови Сад. Протестите завршија со голем собир пред РТС.

Неколку десетици илјади луѓе вчера прошетаа по улиците на Србија, во рамки на генералниот штрајк, протестирајќи против корупцијата во земјата, пренесе агенцијата Франс прес.

Илјадници студенти и средношколци се собраа на различни локации во Белград, носејќи транспаренти со слоганите „Генерален штрајк“, „Промената доаѓа со нас“, „Гласовите на студентите се гласови на промена“ и „Системот ве лаже“. Протестантите оддадоа почит со 15 минути молчење за 15-те загинати на 1 ноември, кога на нив падна надстрешницата на железничката станица во Нови Сад.

На протестите кои се одржаа во Нови Београд во блок 70, една студентка беше повредена кога во неа удри автомобил. По ова студентите на белградските факултети вчера попладне ја блокираа и Автокоманда, една од двете големи сообраќајни раскрсници во градот. Тие шетаат околу кружниот тек и извикуваа „Нема да не газите“ и „Рацете ви се крвави“, „Генерален штрајк“ и „Студентите се разбудија“. Носеа државни знамиња, знамиња на факултетите и транспаренти – „Државата е сопственост на децата“, „Машинците против машинеријата“, „Правниците сакаат правда“, „Не сум Достоевски, ама каде што е злосторството, таму е и казната“, „Колку капки е доволно да се прелее“

Автокоманда ја блокираа студентите од факултетите кои се наоѓаат на Вождовац , а околу 16:30 им се придружија студентите чии факултети се наоѓаат во Булеварот Краља Александра и сите останати.

Протестот заврши оред зградата на РТС каде насобраните студенти и граѓани побараа да бидат вклулени во програмата. Дел до вработеноте во РТС им се приклучија на студентите во протестите.

Трагедијата во Нови Сад, која протестантите ја гледаат како последица на корупцијата, го означува раѓањето на овој голем протест, пренесува Франс прес.


Протестите кои се одржуваат веќе неколку недели, собираат десетици илјади луѓе низ целата земја. Како што соопшти Архивот на јавни собири, здружение кое ги бележи сите демонстрации, од 1 ноември се одржани повеќе од 50 протести, пренесува AFP.

Прв пат вчера слоганот на протестот беше повик за генерален штрајк. Кафулињата и продавниците во Белград се затворија како знак на солидарност, а многумина го поддржаа штрајкот на социјалните мрежи.

Многу училишта беа затворени, наставниците штрајкуваа или родителите решија да не ги испратат своите деца во училиште. Адвокатите исто така штрајкуваа оваа недела, како и неколку театри и киносали. Јавниот превоз во Белград во утринските часови работеше нормално, како и снабдувањето со електрична енергија и гас.

Студентите исто така демонстрираа и во други делови на Србија, како во Нови Сад, Ниш и Лесковац. Податоците за бројот на штрајкувачите низ земјата, како и за бројот на затворени училишта, сѐ уште не се достапни.

Откако брзо го презедоа водството на протестното движење, студентите бараат објавување на сите документи и договори кои се однесуваат на реновирањето на железничката станица, зголемување на буџетот за универзитетите и целосна транспарентност во истрагата за несреќата во Нови Сад, како и завршување на нападите врз демонстрантите.

Владата и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објавија дел од истражните документи и најавија зголемување на буџетот за професорите и универзитетите, сметајќи дека ги исполниле барањата. Тие исто така ги обвинија студентите дека се „странсло агенти“ и вчера по пладне организираат голем контра-протест во Јагодина, во централна Србија.

Вучиќ изјави дека се обидуваат да го убијат и дека Србија е на работ на „обоена револуција“. Оваа реторика широко се повторува во медиумите блиски на властите. Како знак на поларизација на земјата, десетици кафулиња и ресторани најавија дека ќе останат отворени и ќе понудат кафе и некои јадења. Провладините таблоиди го пофалија тоа како „движение против штрајкот“, додаде Франс прес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни