Хаос и нови судири се случија вчера вечер на улиците на Нови Сад кога дојде до судир помеѓу членовите на СНС кои со топовски удари и огномети ги нападнаа граѓаните кои протестираат. Тензично беше и во Нов Белград, Зрењанин и во други градови низ земјата.
После полноќ се појавија и снимки од просториите на СНС во Нови Сад во пламен, а официјални извори од полицијата изјавија дека има повредени полицајци и граѓани.
Доцна во ноќта се огласи и претседателот Александар Вучиќ кој кажа дека нема да дозволи земјата да се најде во граѓанска војна.
Низ цела Србија, граѓаните и студентите протестираа поради инцидентите во Врбас и Бачка Паланка, кога поддржувачи на Српската напредна партија фрлаа камења и пиротехнички средства врз граѓаните.
Медиумите јавуваат дека новинарите Никола Билиќ од новосадскиот портал 192 и Жарко Богосављевиќ од порталот Разглас беа повредени синоќа во Нови Сад.
Билиќ е претепан, а Богосављевиќ е удрен со палка во главата. Богосављевиќ носел кацига.
Инциденти имаше и во Зрењанин, каде граѓаните на покана од студентите во блокада се собраа на вечерниот протест, излегоа пред Градската куќа.
Полицијата ги спречила да поминат по улицата Крал Петар Први, каде што се наоѓаат просториите на СНС.
Во Нов Белград пак дојде до судир меѓу демонстрантите и полицијата во близина на седиштето на Српската напредна странка при што полицијата употреби солзавец.
Полицијата употреби солзавец и топовски истрели за да ги потисне стотиците демонстранти кои се движеа кон просториите на СНС.
а.

И покрај тоа што студентите повикаа на мирни протести, пред просториите на СНС во Нови Сад дојде до судир меѓу симпатизерите на партијата и граѓаните при што на почетокот, ниту една полициска единица не била присутна да ги сопре тензиите.
Граѓаните велат дека дел од полицајците се приклучиле на симпатизерите на СНС и дека наместо да бидат заштитени, тие биле изложени на насилство.
Други велат дека реакцијата на полицијата е задоцнета откако баклите и пиротехниката веќе биле фрлени на протестната поворка.
Тензичната ситуација продолжи на повеќе точки во Белград. Пред Уставниот суд летаа предмети, а граѓаните разговараа со припадниците на полицијата, но не можеа да го пробијат полицискиот кордон.
Во Србија продолжува атмосферата на заплашување, закани и притисоци која беше забележана и од новинарската мрежа Safe Journalists која изрази незадоволство во поглед на заштитата на полицијата на новинарите кои известуваат од протестите низ државата.
Граѓаните со месеци протестираат со цел исполнување на барањата по падот на настрешницата во Нови Сад и бараат целосна и темелна истрага.