Француската полиција спречи потенцијален терористички напад во осмиот арондисман во Париз, пред зградата на Bank of America, јавуваат француските медиуми. Припадници на специјалната единица за борба против криминал (BAC) го совладале осомничениот додека се обидувал да активира импровизирана експлозивна направа.
Малолетник ангажиран преку социјална мрежа
Според информациите, станува збор за 17-годишник роден во Сенегал, кој живее во регионот Сена-Сен-Дени.
Тој изјавил дека бил ангажиран преку апликацијата Snapchat за сума од 600 евра. Наводно, друго лице го донело до местото на нападот и потоа избегало.
Сомнежи за поширока мрежа
Француското Национално обвинителство за борба против тероризмот отвори итна истрага за повеќе кривични дела поврзани со терористичко дејствување.
Истрагата ја водат DPJ-PP и DGSI.
Според извори блиски до истрагата, се разгледува можноста зад нападот да стојат мрежи поврзани со Иран, особено по серијата напади врз американски, израелски и еврејски цели во Европа во последните недели.
Опасна импровизирана направа
Направата се состоела од канистер со запалива течност поврзан со цевка слична на пиротехнички уред, која содржела околу 650 грама експлозивен прав.
Министерот за внатрешни работи на Франција, Лоран Нунјез, изјави дека „брзата реакција на полицијата спречила сериозен терористички акт“.
Истрагата продолжува, а властите трагаат по вториот осомничен.