Дваесет и осумгодишниот Анас Саид од Тексас во Соединетите Американски Држави, е уапсен во четвртокот во Хјустон под сомнение дека планирал терористички напад сличен на оној од 11 септември 2001 година, кога беше извршен еден од најголемите напади досега во Америка, пренесува британски „Дејли“ Мејл“.
Специјалниот агент на ФБИ Даглас Вилијамс за американските медиуми изјави дека „од улиците е тргнат осомничениот терорист“.
Саид наводно планирал да го изврши терористичкиот напад од неговиот стан во Хјустон. Истрагата утврдила дека тој конкретно истражувал како да изврши напад врз локални воени центри.
„Запревме потенцијален терористички напад овде во Хјустон. Секој ден кога можеме тоа да го кажеме јавно, е добар ден. Ова апсење е важен чекор во одржувањето на заедницата безбедна и мирна“, соопшти канцеларијата на ФБИ во Хјустон.
На 11 септември 2001 година се случи терористички напад на кулите „близначки“ на Светскиот трговски центар во Њујорк и на зградата на Пентагон, за кој одговорноста беше на Ал Каеда.