Внатре во владејачката германска Христијанско-демократска унија (CDU) се појави критика поради наводна тајна соработка на пратеници од Европската народна партија (EPP), на која ѝ припаѓа и германската Унија CDU/CSU, со пратенички од популистичката десничарска Алтернатива за Германија (AfD) при гласање во Европскиот парламент.
„Соработката и договорите во каква било форма претставуваат тешко кршење на заклучоците на раководството на Унијата CDU/CSU, кои забрануваат секаков вид тематски и организациски договори со AfD“, изјави пратеникот на CDU во Бундестагот Томас Реверкамп, кој претседава и со Парламентарниот одбор за одбрана.
Демохристијанскиот политичар бара „темелна истрага и можни последици“.
„Повикајте ги своите партиски колеги на ред“
Претседателот на Парламентарниот одбор за политика на ЕУ, пратеникот од партијата Зелените Антон Хофрајтер, од лидерите на партиите на Унијата, Фридрих Мерц и Маркус Зедер, побара да ги „повикаат на ред“ своите партиски колеги.
„Координираната соработка со AfD и со партиите од крајнодесниот блок претставува голема опасност“, изјави Хофрајтер. Германската новинска агенција Dpa неодамна објави дека конзервативната ЕПП во Европскиот парламент многу поблиску соработува со пратениците на AfD отколку што досега било познато.
Пратениците се координирале преку WhatsApp групи, но и на лични средби, околу гласање за законски измени кои би довеле до заострување на миграциската политика.
Претседателот на групата на ЕПП во Европскиот парламент, политичарот од баварската CSU Манфред Вебер, ја негираше блиската соработка со десничарските сили во парламентот.
„AfD не игра никаква улога кога станува збор за формирање мнозинство и дефинирање на темите. Но јас не ги контролирам чат групите на пратениците“, изјави Вебер за дневниот весник Bild.
На ниво на Германија, Унијата CDU/CSU строго се придржува до принципот на „противпожарен ѕид“ кон AfD, што значи одбивање на каква било соработка, особено на покраинско и на сојузно ниво.
AfD на претстојните избори во источните сојузни покраини би можела да освои и повеќе од 40 проценти од гласовите.