Спомениците шепотат историја!

18 април, Светскиот ден на спомениците, не е само датум во календарот. Тој е повик да погледнеме подлабоко во каменот, бронзата и бетонските површини зад кои се кријат човечки судбини, борби, надежи и спомени. Секој споменик кај нас – било да е антички мозаик, обележје од НОБ, или модерна скулптура – носи слоеви на значење кои заслужуваат внимание, грижа и повторно читање. Светскиот ден на спомениците е можност да ги преиспитаме тие слоеви на значење. Да не ги гледаме само како дел од пејзажот, туку како активни актери во нашето разбирање на минатото. И уште поважно – како вредности што треба да се чуваат, објаснуваат и пренесуваат. Споменикот, на крајот на денот, не е само објект. Тој е сведок. А сведоците – заслужуваат глас.

Некои се древни и гордо стојат со векови – од мегалитскиот обсерваториум Кокино, преку римските театри, до црквите, џамиите и старите градски јадра. Други се понови, дел од понеодамнешни сеќавања и идеологии. Но сите тие се дел од мозаикот на нашето културно наследство.

Уставот ни вели дека државата има обврска да го штити ова наследство. И законот го потврдува тоа – вели дека не е важно дали нешто е во државна, општинска или приватна сопственост: ако е од културно значење, мора да се чува. Исто така, уништувањето, нелегалната продажба или прикривањето на вакви добра се казниви. Сето тоа убаво стои на хартија.

Но, кога ќе се спуштиме на терен, приказната станува посложена. Недоволна грижа, заборавени објекти, лошо одржување или едноставно – рамнодушност. Спомениците не можат сами да се заштитат. Треба да им помогнеме. Не само институциите, туку и сите ние. Зашто тие не се само историја – тие се и иднина.

Меморија врежана во камен

Кога стоите пред фрагментите на Хераклеа Линкестис во Битола, меѓу мозаиците што преживеале два милениума, не гледате само туристичка атракција. Се наоѓате во еден антички театар на животот, каде секоја плочка ја раскажува приказната на еден град што живеел во времето на Филип II и Александар Велики. Тоа е споменик, не во класичната форма на статуа, туку како археолошки локалитет кој сведочи за културна, политичка и урбана софистицираност.

Во Крушево, споменикот Илинден – познат како Мечкин Камен – не е само уметнички израз на Јордан Грабул и Искра Габерова-Томова. Тој е манифест на револуционерниот дух, на колективната жртва, на упорноста и идеалот за слобода. Токму овие споменици се оние кои не само што обележуваат, туку и едуцираат, инспирираат и не’ обврзуваат.

Каков вид споменици има во Македонија?

Спомениците во нашата земја можат да се категоризираат на неколку нивоа:

  • Историски и политички споменици – обележја на значајни настани (Илинден, НОБ, АСНОМ), обично во форма на костурници, обележја и скулптури.
  • Археолошки локалитети – Хераклеа, Стоби, Скупи, Баргала – каде секој слој на земја претставува столетие историја.
  • Културно-уметнички споменици – како дел од урбаниот пејзаж, особено во Скопје, преку проектот „Скопје 2014“, кои, и покрај контроверзите, стануваат дел од визуелниот идентитет на метрополата.
  • Меморијални споменици – малите, скромни, но често највпечатливи. Крстови на ридови, плочи во селски центри, скромни обележја на места на борба или страдање.

Секој од овие носи различен тон: некои гордо викаат, други тивко шепотат, но сите – сведочат.

Нови времиња, нови споменици

Во последните две децении, Македонија, а особено главниот град Скопје, беа подложни на значајни урбанистички промени, кои не поминаа без контроверзии. Со започнувањето на проектот „Скопје 2014“, на градот му беа додадени нови споменици, кои сега го обликуваат неговиот визуелен идентитет. Меѓу нив има некои кои не само што се дел од урбаната архитектура, туку и предизвикаа сериозни дебати за нивната естетика, смисла и контекст.

Не е случајно што многумина критикуваат дека новите споменици не се само нелогични во контекст на градската архитектура, туку дека се и претерано гломазни, без прецизност во своето естетско обликување, што предизвикува визуелно пренатрупување. Кога ќе се додадат во друштво со грда, кич инфраструктура, станува јасно дека тие не се естетски надополнување на градот, туку се пренапонирани и неосмислени обележја кои само го оптоваруваат урбаниот простор.

Единствено времето ќе покаже дали овие нови споменици ќе бидат гледани како нешто што го обележало едно конкретно време во историјата или ќе останат само како парадоксален одраз на амбициите и изборите на еден период. Но, без разлика на тоа, едно е сигурно – тие ќе останат дел од визуелниот пејзаж на Скопје, а секој минувач кој ќе ги види, ќе биде присилен да размислува за нивната вистинска смисла и вредност.

Чувањето на спомениците: должност или заборав?

Иако законски заштитени, многу од спомениците се оставени на забот на времето – и на човечката негрижа. Потребата од системска реставрација, редовна конзервација и достапна едукација за нивната важност е хронично потценета. На терен сум видел споменици обраснати со коров, графитирани, искршени, па дури и со украдени делови од бронза.

Од друга страна, постојат примери на посветена грижа. Археолозите од НУ Заводите за заштита на спомениците во Битола, Штип и Скопје работат со ентузијазам, иако често со ограничени ресурси. Дел од училиштата веќе започнуваат локални иницијативи за мапирање и одржување на спомениците во своите места, што е позитивен тренд.

Што раскажуваат тие за нас?

Спомениците не се само огледала на минатото – тие се и проекции на иднината. Начинот на кој ги третираме покажува што (не) почитуваме како општество. Дали сме народ што памети и почитува, или брзо заборава? Дали градиме идентитет врз вредности или врз потреби од моментот?

Можеби токму затоа најважните споменици се оние за кои секој човек има лична врска – било да е тоа каменот на кој седнувал дедо му во дворот на некој манастир, или плочката што ја гледал секое утро на пат до училиште. Тие „малите“ сеќавања се она што го одржува живиот културен континуитет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни