Спектакуларно новогодишно шоу во Дубаи со оркестрации и аранжмани на Џијан Емин

Десет распродадени концерти под куполата на Ал Васл Плаза ја потврдија моќта на музиката како универзален празничен јазик

Под магичната купола на Ал Васл Плаза во Експо Сити Дубаи, на 20 декември 2025 година, се одржа спектакуларното новогодишно празнично шоу „Carols by Candlelight“ – еден од најочекуваните културни настани во официјалната празнична програма на градот. Во рамки на проектот беа реализирани десет целосно распродадени изведби, кои донесоа празнична магија за посетители од сите возрасти.

Настанот се одвиваше на уникатната локација Ал Васл Плаза, каде публиката беше опкружена со импресивни 360-степени божиќни проекции, сценски ефекти и внимателно осмислена визуелна нарација. Мултимедијалниот спектакл беше збогатен со празнично пеење, танцови точки и живописни сценски појавувања, вклучувајќи и изненадувачки настапи на Дедо Мраз и Госпоѓа Клаус, што дополнително ја засили атмосферата – особено кај најмладите.

На сцената настапи Симфонискиот оркестар Фирдаус од Дубаи, под диригентската палка на Харут Фазлиан, заедно со вокални солисти, училишни и детски хорови, танчерска група и ансамбл од музичари. Заеднички, тие создадоа впечатливо концертно искуство со интерпретации на препознатливи празнични и новогодишни композиции.

Аранжманите и оркестрациите за концертот ги потпишува македонскиот композитор и аранжер Џијан Емин, чиј авторски пристап ѝ даде нова звучна димензија и симфониска длабочина на традиционалната празнична музика.

„Оваа соработка со Експо Сити Дубаи не е прва. Пред две години работев на истиот проект, кој тогаш беше снимен со оркестар составен од македонски музичари. Оваа година, целиот настан се одвиваше во живо, со голем симфониски оркестар. Ова е уште еден плод на долгогодишната соработка со продуцентот Мет Феди, кој живее и работи во Дубаи“, изјави Емин.

Продуцентот Мет Феди зад себе има богато меѓународно искуство и соработувал со светски реномирани имиња како Ени Ленокс, Стинг и Суперграс, што на проектот „Carols by Candlelight“ му дава дополнителна уметничка и продукциска тежина.

Со третото по ред издание на „Carols by Candlelight“, Експо Сити Дубаи уште еднаш ја потврди својата позиција како водечка платформа за врвни културни и мултимедијални настани. Креативниот придонес на Џијан Емин претставува значаен меѓународен успех и силна афирмација на македонската музичка сцена на светската културна мапа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни