Заврши уште едно издание на еден од најпознатите музички фестивали во светот „Tomorrowland“. И покрај предизвиците поради горењето на главната сцена, кои го ставија под знак прашање одржувањето на фестивалот, сепак, и оваа година огромната еуфорија и поддршка не изостанаа и придонесоа кон уште едно незаборавно музичко издание кое ќе се памети.
Вистински спектакл со познати изведувачи како David Guetta, Lost Frequencies, Swedish House Mafia и Charlotte de Witte покажаа дека на луѓето музиката им е попотребна од кога било. Сетовите со носталгична нота, вибрантните настапи на отворањето и затворањето на секоја сцена, како и врвните музички имиња формираа незаборавно искуство, едно од водечките во светов. Огромна е благодарноста до бендот ,,Металика” кои со нивната помош за главната сцена практично го спасија годинешното издание на фестивалот.
И покрај инцидентот кој се случи неколку дена пред почетокот на фестивалот, ова издание се одржа во својот полн сјај. „Tomorrowland“ собра повеќе од 400 000 луѓе од целиот свет, со повеќе од 850 изведувачи од светот на електронската музика кои се собраа во Белгија за единствено искуство посветено на љубовта, музиката и слободата. Новите дизајни на дел од сцените заедно со целиот визуелен идентитет на фестивалот и годинава се покажаа како полн погодок.
Фестивалот кој се одржува од 2005 година, прерасна во едно од најомилените искуства за посета во светот, кое ги обединува фановите преку слободата, креативноста и желбата за забава. Неговиот развој и покрај непредвидените пречки, покажува дека желбата да се понуди организациски добар фестивал е посилна од нив, што се покажа и оваа година како и претходните. Музичарите на социјалните мрежи со фотографии од нивните настапи се заблагодарија за неверојатната атмосфера и поддршка од посетителите.
Фотографија: tomorrowland.com