Поддржувачот на студентите, српскиот митрополит Јустин е суспендиран

Светиот архиерејски синод на Српската православна црква (СПЦ) донесе одлука за суспендирање на митрополитот Јустин од управувањето со Жичката епархија, јавуваат српските медиуми, повикувајќи се на објава на теологот Благоје Пантелиќ, која ја пренесе Н1.

Според објавените информации, неговите надлежности привремено ќе ги преземе митрополитот Арсениј од Ниш, а во најкус рок ќе се спроведе примопредавање на должностите.

Јустин во изминатиот период беше во фокусот на јавноста поради поддршката што им ја даде на студентските протести и критиките кон српските власти. Дел од верниците се собраа и пред неговиот епископски дом во Краљево, кога претставници на СПЦ извршија контрола на работењето на Жичката епархија.

Од СПЦ наведуваат дека суспензијата е резултат на внатрешна истрага поради сомнежи за начинот на управување со епархијата. Во објавените наводи се споменуваат неовластено основање трговски друштва, прикривање на нивното работење, како и продажба на повеќе црковни недвижности и склучување договори спротивни на црковните прописи.

Синодот ги отфрли тврдењата дека одлуката има политичка позадина и нагласи дека станува збор за канонски прашања во рамки на црковните институции.

Инаку, митрополитот Јустин претходно им дозволи на студентите од Нови Пазар, кои пешачеа кон Нови Сад, да преноќат во манастирот Студеница, што дополнително ја зголеми вниманието на јавноста кон неговата улога во актуелните општествени случувања во Србија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни