Спасувачите се обидуваат да извлечат човек затрупан во средновековна кула во Рим

Еден работник остана заробен во делумно урнатата средновековна кула „Торе деј Конти“ во центарот на Рим, откако градбата се срушила двапати во текот на денот за време на реставраторски работи. Друг работник е тешко повреден, а тројца се спасени.

Кулата, висока 29 метри и лоцирана во близина на античкиот Римски форум, првпат се урнала нешто по 11:30 часот во понеделникот, при што парчиња бетон погодиле 64-годишен градежен работник. Тој бил пренесен во болницата „Сан Ѓовани“ во тешка состојба, но според регионалниот претседател Франческо Рока, неговиот живот не е во опасност.

Додека пожарникарите спасувале тројца работници од скелето, околу 13 часот дошло до второ внатрешно уривање, при што еден работник останал заробен на горниот кат.

„Во моментов потврдено е дека човекот е сè уште жив,“ изјави префектот на Рим, Ламберто Ѓанини. „Правиме сè што е можно да го спасиме, но операцијата е долга и сложена, бидејќи постои висок ризик од ново уривање.“

Очевидци опишуваат дека се слушнал силен тресок и се појавил облак од прашина. „Го видов работникот како паѓа,“ изјавил сведок за Corriere della Sera. Други раскажуваат дека земјата се затресла „како при земјотрес“.

Еден од работниците, 67-годишниот Отавијано, успеал да избега преку балкон. „Не беше безбедно. Само сакам да си одам дома,“ изјавил тој, покриен со бела прашина.

Во спасувањето се користат беспилотни летала за проверка на стабилноста на конструкцијата, додека делови од областа околу Пјаца Венеција и Форумот се целосно блокирани.

На местото на настанот пристигнаа и градоначалникот на Рим, Роберто Гвалтиери, како и министерот за култура, Алесандро Ѓули.

Кулата „Торе деј Конти“ е изградена во 13 век од Рикардо Конти, брат на папата Инокентиј III, како утврдена семејна резиденција. Во минатото неколкупати била оштетувана – во земјотрес во 1349 година и при последователни урнувања во 17 век.

Тековните реставраторски работи се финансирани со средства од европскиот постпандемиски фонд, со цел да се обезбеди дополнителна стабилност и заштита на културното наследство.

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни