Шпанија: Смртта побрза од евтаназијата во една третина случаи

Иако законот е во сила од 2021, многу пациенти умираат пред да заврши административната постапка

И покрај тоа што Законот за евтаназија во Шпанија е во сила повеќе од три години, најновите официјални податоци покажуваат сериозен системски проблем: во значителен број случаи, пациентите умираат пред институциите да донесат конечна одлука за нивното барање за помогната смрт.

Според Годишниот извештај за спроведување на Законот за евтаназија за 2024 година, објавен од Министерство за здравство на Шпанија, во текот на изминатата година биле регистрирани 905 нови барања за евтаназија. Од нив, околу една третина од подносителите починале за време на административната постапка, пред да биде донесена конечна одлука.

Податоците наведуваат дека во 2024 година биле завршени вкупно 929 процедури поврзани со евтаназијата. Од нив, 426 барања, односно 45,86 отсто, биле одобрени и постапката за евтаназија била спроведена. Истовремено, 308 лица или 33,15 отсто починале додека сè уште траел процесот на разгледување на нивното барање. Овие информации ги објави и RTVE, повикувајќи се на официјалниот извештај.

Во истиот период, 141 барање (15,18 отсто) биле одбиени, додека 54 лица, што претставува 5,81 отсто, доброволно го повлекле своето барање за помогната смрт. Извештајот покажува и дека 63 лица, или 14,79 отсто од оние кај кои евтаназијата била спроведена, се одлучиле за донација на органи по завршување на постапката.

Од Министерството за здравство појаснуваат дека бројот на завршени процедури во 2024 година е поголем од бројот на новоподнесени барања, бидејќи извештајот ги опфаќа сите случаи решени во текот на годината, вклучително и оние започнати во претходни години. Овој метод на пресек, според институциите, дава поцелосна слика за функционирањето на системот, но истовремено ги истакнува и неговите слабости.

Анализата на демографските податоци покажува дека најголем број од завршените процедури се однесуваат на лица постари од 60 години. Најзастапената возрасна група се пациентите над 80 години, кои сочинуваат околу 28 отсто од сите случаи. Просечната возраст на подносителите на барања изнесува 69,7 години, при што мажите и жените се речиси подеднакво застапени.

Кога станува збор за медицинските причини, најчестите основни дијагнози кај апликантите се невролошките заболувања, кои учествуваат со 32,5 отсто од случаите. По нив следуваат онколошките заболувања со удел од 29,7 отсто. Овие податоци, според експертите, укажуваат дека евтаназијата најчесто ја бараат пациенти со тешки, прогресивни и неизлечиви состојби, кои значително го нарушуваат квалитетот на животот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни