Нова четиричлена екипа пристигна на Меѓународната вселенска станица (ISS) во саботата, по само 15 часа патување со капсулата Crew Dragon на SpaceX.
Во мисијата се вклучени двајца астронаути од НАСА, еден од Русија и еден од Јапонија. Стартот беше одложен еден ден поради лошо време, но тимот успешно полета од космодромот Кенеди во Флорида и стигна до станицата без проблеми.
Членови на екипажот се Зена Кардман (САД, НАСА), Мајк Финке (САД, НАСА), Кимија Јуи (Јапонија) и Олег Платонов (Русија)
„Здраво, вселенска станицо!“ – повика Финке веднаш по спојувањето на капсулата со ISS.
Кардман и друг астронаут претходно беа заменети од мисијата на SpaceX за да се направи место за двајцата заглавени астронаути од НАСА – Буч Вилмор и Суни Вилијамс – кои беа блокирани на станицата повеќе од девет месеци поради проблеми со Boeing Starliner.
Финке и Јуи биле планирани за следната Starliner мисија, но поради сериозни технички проблеми со леталото, мисијата е одложена до 2026, па тие се префрлија на SpaceX.
Олег Платонов првично требаше да полета со Сојуз, но бил повлечен од списокот поради необјавена здравствена состојба. По нивното пристигнување, населението на ISS моментално брои 11 астронаути. Домаќините ги пречекаа со студени пијалаци и топла храна.
Новодојдените ќе ги заменат четворицата астронаути кои се на станицата од март. Тие ќе се вратат на Земјата веќе во среда.
Иако ова е една од најбрзите мисии на САД до сега, рекордот за најбрзо пристигнување на ISS го држи Русија – само 3 часа.
Извор: Euronews со AP