Мисијата Fram2 – историски подвиг
Мисијата, наречена Fram2, полета од вселенскиот центар Кенеди на Флорида во 21:46 по локално време. Екипажот го сочинуваат крипто-милијардерот Чун Ванг, кој ја финансираше целата експедиција, норвешката режисерка Јанике Микелсен, германската истражувачка на роботика Рабеа Роге и австралискиот поларен истражувач Ерик Филипс.
Интересно е што сите членови на екипажот се љубители на поларните предели, па затоа и орбиталната патека е внимателно избрана – капсулата Crew Dragon ќе ја обиколи Земјата минувајќи над двата пола, што е технички сложено и досега не е направено со човечки екипаж.
Предизвиците на поларната орбита
За разлика од стандардните свемирски мисии кои летаат во источна насока за да ја искористат ротацијата на Земјата за дополнителен потисок, овој лет се движеше спротивно, кон југ. Ова бараше значително повеќе енергија и ја ограничуваше количината на товар кој можеше да биде понесен во орбитата.
„Таквата патека ја оптоварува ракетата затоа што троши повеќе гориво, но Falcon 9 успешно ја заврши задачата,“ изјави професорот Крег Клуевер од Универзитетот во Мисури.
Иако екипажот ќе спроведе 22 научни експерименти, најголем дел се поврзани со здравствената состојба на членовите на мисијата, што може да се испита и на стандардни патеки. Според експертите, главната причина за поларната орбита е единственоста на мисијата, а не научната потреба.
„Станува збор за приватна мисија и тие дефинитивно сакаат нешто што ќе се памети“, вели д-р Кристофер Комбс од Универзитетот во Тексас.
Кои се патниците на Fram2?
✅ Чун Ванг – основач на F2Pool, една од најголемите мрежи за рударење на Биткоин. Неговото богатство се проценува на милијарди долари, а живее на Малта.
✅ Јанике Микелсен – норвешка режисерка и Вангова сосетка на архипелагот Свалбард. Снима научно-фантастични и документарни филмови во екстремни услови и најави филм за оваа мисија.
✅ Рабеа Роге – германска докторка по роботика, која го истражува управувањето со автономни возила во тешки услови. Со овој лет станува првата Германка во орбитата.
✅ Ерик Филипс – искусен поларен истражувач кој учествувал во повеќе од 30 експедиции на Арктикот и Антарктикот. Мисијата ја спореди со „живот во вселенска бура“.
Екипажот се подготвуваше повеќе од една година, со тренинг на забутани локации на Алјаска и во седиштето на SpaceX во Калифорнија. Ванг пред полетувањето изјави дека не е возбуден ниту нервозен, туку целосно фокусиран:
„Сè што требаше да се заврши, е завршено. Сега само следиме протокол.“