„Морам да кажам дека бевме навистина близу да ја увериме Словачка дека Комисијата го исполни она што таа го бара, па сега топката е во дворот на Словачка“, изјави Калас, по завршувањето на денешниот состанок на Советот за надворешни работи на Унијата (ГАЦ) во Брисел.
Таа додаде дека во услови кога руската кампања на напади достигнува рекордни нивоа и кога „гледаме зголемена употреба на хемиско оружје од страна на Русија“ во Украина, санкциите се неопходни со цел на Москва да и се ограничат средствата за водење на војната. Според неа, Русија покажува дека не сака мир и затоа Европската Унија ќе продолжи да го зголемува притисокот, со цел да ја запре нејзината агресија.
Калас истакна дека ЕУ ги поздравува најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за испраќање поголеми количества на оружја за Украина и дека е подготвена за изнаоѓање начини за споделување на товарот на трошоците.
-„Ако Америка и Европа работат заедно може да извршат притисок врз (рускиот претседател Владимир) Путин да почне сериозно да преговара. Тоа е единствениот начин да се стави крај на оваа војна“, истакна Калас.
Таа додаде дека на Советот се разговарало и за состојбата на Блискиот Исток и за договорот што минатата недела го постигнаа Израел и Европската за зголемување на хуманитарната помош во Газа.
„Гледаме позитивни знаци. Гледаме како поголем број камиони и повеќе залихи пристигнуваат во Газа, гледаме дека се отвораат повеќе премини, а исто така гледаме и дека се поправаат електричните водови. Но, Израел треба да преземе поконкретни чекори за подобрување на хуманитарната ситуација“, рече Калас.
Таа нагласи дека ЕУ внимателно ќе следи како Израел го спроведува договореното и на секои две недели ќе прави преглед спроведувањето на обврските. Калас информира и дека на министрите им презентирала список на различни мерки што би можеле да бидат преземени доколку Израел не ги исполни своите ветувања.
– Целта не е да се казни Израел, туку вистински да се подобри ситуацијата во Газа, потенцира високата претставничка на ЕУ.
Калас додаде дека во однос на Иран, министрите го повториле ставот дека на земјата не смее да и се дозволи да се стекне со нуклеарно оружје, дека дипломатијата е најдобриот начин за постигнување на оваа цел и дека Техеран треба да дозволи враќање на инспекторите на Обединетите нации.
Советот оценил и дека владејачката партија Грузискиот сон се по сериозно ја загрозува демократијата во Грузија и донел одлука за засилување на поддршката на ЕУ за граѓанското општество во земјата.
Калас нагласи дека министрите разговарале за различни опции кои би можеле да бидат преземени против Тбилиси, како суспендирање на безвизниот режим и на Договорот за асоцијација, но и воведување санкциите, потенцирајќи дека „демократското назадување на Грузија ќе има своја цена“.
На Советот станало збор и за состојбата во Молдавија во пресрет на есенските парламентарни избори и опасноста од хибридни активности од страна на Русија поврзани со изборниот процес, поради што министрите решиле да му обезбедат поголема поддршка на Кишињев за справување со овие закани.
„Ова покажува дека Европската Унија е решена да го заштити демократскиот процес во Молдавија од надворешно мешање“, истакна Калас.
Советот, исто така, донел одлука и за воведување санкции кон седум лица и три субјекти одговорни за активности насочени кон дестабилизација, поткопување или загрозување на суверенитетот и независноста, како и демократијата, владеењето на правото и стабилноста на Молдавија.
Станува збор за блиски соработници на Илан Шор, кој веќе е на листата на санкционирани на ЕУ поради вмешаност во илегално финансирање на политички партии во Молдавија и поттикнување на насилство. Покрај ова, санкции се воведни и кон Политичкиот блок „Победа“ на Шор, компанијата А7 и Културно-образовниот центар на Молдавија. Санкционираните се товарат за учество во шеми за купување гласови за време на референдумот за пристапување во ЕУ и на претседателските избори во Молдавија одржани минатата година.
Министрите донеле одлука и за вклучување на пет лица на листата на санкционирани поради сериозни кршења или злоупотреби на човековите права и за репресија на граѓанското општество и демократската опозиција во Русија.
Лицата кон кои се воведени санкции се членови на рускиот судски систем вклучени во прогонот на активистот Алексеј Горинов, кој беше осуден на три години затвор врз основа на политички мотивирани обвиненија поради неговото изразување на мислење за руската агресија врз Украина. Советот вовел санкции и кон осум лица и еден субјект поради сериозни кршења и злоупотреби на човековите права во име на иранските државни органи надвор од Иран, вклучително и за произволни егзекуции и убиства и за присилни исчезнувања на лица кои се сметаат за противници или критичари на властите во Техеран. Станува збор за криминалната група Зиндашти, која е поврзана со иранското Министерство за разузнавање и безбедност, нејзиниот лидер Наџи Ибрахим Шарифи – Зиндашти и негови соработници, како и за разузнавач од Министерството и за офицер на Исламската револуционерна гарда
На сите санкционирани им се замрзнува имотот и активата во Унијата, а на граѓани и субјекти на ЕУ им се забранува да им ставаат средствата на располагање. На санкционираните физички лица дополнително им се забрана за патување, влез или транзит низ ЕУ.