Советот за безбедност на Обединетите нации утре ќе одржи вонредна седница посветена на борбите во Либан, додека конфликтот сè повеќе го потресува Блискиот Исток.
Состанокот треба да се одржи во 10 часот по локално време во Њујорк.
Дипломатски извори наведуваат дека се очекува и гласање за нацрт-резолуција предложена од Бахреин во име на членките на Советот за соработка во Заливот.
Заливските држави во последните денови се соочуваат со ракетни и дронски напади од Иран. Во нацрт-резолуцијата се повикува на итен прекин на иранските напади врз земјите од Заливот и другите соседни држави, како и на запирање на користењето на посреднички вооружени групи.
Меѓу групите што имаат поддршка од Иран се Хезболах во Либан и Хутите во Јемен.
Хезболах повторно започна со ракетни напади врз Израел пред околу една недела, како одговор на израелското убиство на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи, што предизвика силни израелски напади врз цели во Либан.