ОН го одобрија планот на САД кој предвидува овластување за меѓународни стабилизациски сили во Газа и потенцијален идни пат кон палестинска држава, пренесува АП. Тринаесет од вкупно 15 членки на Советот за безбедност гласаа „за“, додека Русија и Кина беа воздржани, пренесува ТАСС.
Палестинската милитантна група Хамас ја одби резолуцијата предложена од САД, со која се поддржува планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа.
Во соопштението на Хамас се наведува дека резолуцијата не ги исполнува правата и барањата на Палестинците и дека има за цел да наметне „меѓународно старателство врз енклавата“, на што се противат и Палестинците и фракциите на палестинскиот вооружен отпор, пренесува Ројтерс.
„Делегирањето задачи и улоги на меѓународни сили во Појасот Газа, вклучувајќи го и разоружувањето на палестинскиот отпор, ја лишува палестинската енклава од нејзината неутралност и ја претвора во страна во конфликтот на страната на окупаторот“, се наведува во соопштението.
Хамас претходно соопшти, во свое име и во име на другите палестински фракции што ги предводи во Појасот Газа, дека резолуцијата што ја поднесоа САД е „опасна“ и претставува „обид Појасот Газа да се стави под меѓународна власт“.
Во соопштението што го пренесе Тајмс оф Израел се наведува дека палестинските фракции ја одбиваат секоја клаузула која се однесува на разоружување на Појасот Газа или нарушување на „правото на палестинскиот народ на отпор“.
Хамас, исто така, го одби секое странско воено присуство во Појасот Газа, наведувајќи дека тоа би претставувало нарушување на палестинскиот суверенитет.
