Собирањето податоци од различни извори за сексуалната експлоатација и злоупотреба на децата се клучни за обликување подобри политики за превенција и спречување на ваквите појави и повикување на одговорност на сторителите на овие дела, порача генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.
„Многу држави се уште собираат само основни податоци за кривичната правда или не успеваат да ги користат соодветно. Фактите и бројките не смеат да стојат неактивни во извештаите. Тие мора да стигнат до креаторите на политиките и да информираат за нивната работа за да ги направат децата безбедни. Собирањето податоци е добар прв чекор и вредна инвестиција“, истакна Берсе по повод Денот за заштита на децата од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба – 18 ноември.
Според него, во собирањето на ваквите податоци мора да бидат вклучени секторите за образование и здравствена заштита, телефонските СОС линии, службите за заштита на децата, организациите на граѓанското општество и самите деца.
Во неодамна објавениот извештај на Комитетот на страните потписнички на Конвенцијата за заштита на децата од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба, познат како „Ланзароте комитет“, се нагласува важноста на користењето на извори на податоци надвор од кривичната статистика за справувањто со сексуалната експлоатација и злоупотреба на децата.
Според Комитетот, многу сексуални престапи врз деца остануваат непријавени, па затоа справувањето со овој јаз во собирањето информации бара придонес од многу актери.
„Службите за заштита на децата, мултидисциплинарните структури за деца жртви и сведоци, едукаторите и здравствените работници, можат да соберат вредни информации за подобро разбирање на природата и причините за сексуална злоупотреба и експлоатација на деца и да идентификуваат ефикасни одговори“, посочува Советот на Европа.
Организацијата посочува дека децата се крајните корисници на политиките дизајнирани за да ги заштитат и тие можат да обезбедат клучен увид во ризиците со кои се соочуваат, реалноста на терен и кои пристапи функционираат или не успеваат.
„Соработката со организациите на граѓанското општество вклучени во заштитата на децата може значително да го подобри квалитетот на собраните податоци. Воспоставувањето центар за податоци собрани од национални и локални актери може дополнително да ја подобри координацијата. За да се оствари ова, сите точки за собирање податоци треба да се согласат за стандардизирани методи за класификација на нивните податоци, за да се избегне дуплирање и недоследности“, смета Советот на Европа.
Денот за заштита на децата од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба го воведе Советот на Европа во 2015 година, со цел да се подигне свеста и да се олесни отворена дискусија за сексуалната експлоатација и злоупотреба на деца со цел да се стави крај на стигматизацијата на жртвите и преживеаните.
По повод Денот за заштита на децата од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба ширум Европа денеска се одржуваат различни активности, меѓу кои и стартот на национална кампања во земјава за подигнување на свеста базирана на материјали прилагодени за деца, како дел од иницијативата на Советот на Европа, „Еден во пет“, чија цел е спречување на сексуалното насилство врз децата.
Покрај ова, Европол го лансира онлајн алатката „Help4U“, дизајнирана да им обезбеди поддршка на децата што бараат помош во ризични ситуации.
