Совети од нутриционист за подобар сон: Пет намирници што не треба да се јадат пред спиење

Ако сакате да го подобрите спиењето и општото здравје, избегнувајте мрсна, зачинета и преработена храна навечер

Последниот оброк пред спиење не е ништо помалку важен од појадокот, а стручњаците објавија список на намирници што треба целосно да се избегнуваат.

Ако сакате да го подобрите спиењето и општото здравје, избегнувајте мрсна, зачинета и преработена храна навечер. Таквите намирници можат да предизвикаат проблеми со стомакот, киселини и нарушувања на нивото на шеќер во крвта, што го нарушува спиењето и долгорочно може да придонесе за зголемување на телесната тежина, пишува Verywell Health, пренесува Sensa.hr.

Сепак, тоа не значи дека не треба ништо да јадете пред спиење. Клучот е во изборот на лесни, хранливи оброци со немасни протеини, здрави масти и состојки што го поттикнуваат спиењето, како што се мелатонин и триптофан.

Препорачливо е овие оброци да не надминуваат 200 калории.

Триптофан – аминокиселина што помага во создавањето на серотонин и мелатонин. Се наоѓа во: овесна каша, туна, соја, семки од тиква, млеко со малку маснотии, пудинг од чиа, свинско месо, пилешки гради и јајца.
Серотонин – „хормон на доброто расположение“ што го поддржува спиењето, меморијата и расположението. Се наоѓа во: банани, киви, ананас, сливи и ореви.
Мелатонин – го регулира ритамот на спиење и будење. Се наоѓа во: сок од вишни (без додаден шеќер), бадеми, ореви, пченка и јагоди.

Пет намирници што треба целосно да се избегнуваат пред спиење:

Пица

Иако пицата често е избор за доцна вечера, таа може да го наруши сонот, особено ако спаѓате во третината луѓе што имаат киселини најмалку еднаш неделно.

Доматниот сос е многу кисел и може да го иритира желудникот, предизвикувајќи киселини, рефлукс и дигестивни тегоби. Покрај тоа, пицата е мрсна, а мастите се варат побавно – што го зголемува ризикот од киселини ако легнете наскоро по јадењето.

Лути пиперки

Зачинетата храна, вклучувајќи ги и лутите пиперки, често предизвикува стомачни проблеми ако се консумира вечер.

Тие содржат капсаицин – супстанција што ја дава лутината – која може да ја зголеми телесната температура, што го отежнува спиењето.

Грав

Гравот е богат со растителни влакна, што го прави тежок за варење ако се јаде непосредно пред спиење. Може да предизвика подуеност и гасови, особено ако не сте навикнати на исхрана богата со влакна.

Сепак, влакнестата исхрана генерално го подобрува спиењето – само јадете ја порано во денот.

Портокали

Иако портокалите и другото цитрусно овошје се многу хранливи, не се најдобар избор пред спиење, особено ако сте склони на киселини.

Нивната киселост предизвикува рефлукс – особено ако легнете наскоро по јадењето.

Суво овошје

Мала количина суво овошје не е проблем, но претерувањето може да предизвика несоница.

Покрај високото ниво на растителни влакна, сувото овошје содржи и голема концентрација на шеќер и калории, што може да го отежне заспивањето и да предизвика будење во текот на ноќта, пренесува Sensa.hr.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни