Ќе се формира ли Совет за етика на секој универзитет? ФРО со остри барања

Форумот за образовни промени бара Совет за етика, забрана на непотизам и јасни механизми против сексуално вознемирување во новиот Закон за високо образование

Предлог-законот за високо образование влегува во завршна фаза од јавната дебата, а Форумот за образовни промени (ФРО) излезе со серија конкретни барања што, според нив, треба да спречат регрес во академскиот систем.

Од ФРО бараат признавање и институционална поддршка на Националното студентско тело како автономно, легитимно и одлучувачко за студентите, со обезбедено независно финансирање. Истовремено инсистираат да остане членот 160 од претходниот закон, кој го забранува непотизмот на факултетите.

Меѓу клучните предлози е и формирање Совет за етика на секој универзитет, со надворешни членови, кој би постапувал во случаи на плагијаризам и други академски прекршоци. Од Форумот нагласуваат дека е неопходно јасно препознавање и спречување на сексуалното вознемирување на универзитетите, преку воспоставување механизми за заштита и пријавување.

ФРО предлага и укинување на H-индексот како формален услов за напредување во звања, со образложение дека тој треба да служи како индикатор во академските евалуации, а не како ограничувачки критериум. Бараат враќање на условот просек 8.00 за напредување во секој циклус, без можност неуспехот од еден циклус да се компензира со друг.

Дополнително, според нив, научното вреднување не треба да се сведува само на платформата Web of Science, туку да се признаваат и трудови индексирани во Scopus, во согласност со меѓународната пракса.

Една од нивните иницијативи е и седниците на Сенатот да се пренесуваат во живо, бидејќи одлуките што се носат таму директно влијаат врз академскиот квалитет и развој.

Во меѓувреме, Министерството за образование и наука организира серија јавни дебати во рамки на таканаречен „карван“ низ институциите. Министерката Весна Јаневска изјави дека условите за напредување не се повисоки од оние во други европски земји, но смета дека треба да се заострат, бидејќи по измените од 2018 година квалитетот на високото образование опаднал.

Таа посочи дека високото образование има улога да создава јавно добро и кадар што ќе ја развива државата, а универзитетите треба да бидат отчетни за трошењето на средствата и резултатите што ги постигнуваат.

Паралелно, дел од академската заедница изразува загриженост дека новиот закон може да ја наруши автономијата на универзитетите. Се отвораат дилеми околу можноста извршната власт да одобрува статути и подзаконски акти, како и да влијае врз спојување или раздвојување факултети. Дел од професорите и студентите предупредуваат дека намалувањето на студентското учество би претставувало чекор назад.

Законот наскоро ќе се најде и на гласање, во услови на засилени дебати околу балансот меѓу квалитет, отчетност и универзитетска автономија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни