Трн: Како гледаш на генерациската смена во новинарството? Дали новата генерација новинари во областа на културата има доволно знаење и интерес или станува збор за брзи медиумски трендови?
Сотир: Јас сум среќен што ги запознав младите од Култура Бета. Тие ми даваат надеж. Тоа се образувани млади луѓе кои имаат сериозен интерес за културата. Имав можност да ги запознаам на една неформална средба, каде што разговаравме за состојбите во културата и сфатив дека има иднина за овој ресор. Но, тоа е сепак изолиран случај.
Клучниот проблем е што редакциите во многу медиуми се затворени. До 2010–2015 година сè уште постоеја културни редакции, но последните 10 години Македонија кубури со такви редакции – останаа само во јавниот сервис. Во останатите телевизии често праќаат новинари кои не се стручни, а тоа е тажно и за нив и за публиката. Јас секогаш подавам рака како поискусен новинар, затоа што кога ние доаѓавме, повозрасните колеги ни помагаа. Времето е тешко, а солидарноста е вредност што треба да излезе на површина.

Трн: Зошто денес нема речиси никаква критика во културата?
Сотир: За жал, тоа е точно. Критиката ниту се плаќа, ниту има доволно простор во медиумите. Дури и оние што се вработени немаат можност да ја пишуваат.
Дали проблем е храброста? Не, мислам дека тоа е најмал проблем. Проблемите се просторот за објавување и финансиската поддршка. Ако напишеш критика, треба да бидеш спремен да се соочиш со отпор, а барем тој ризик треба да биде платен.
Ситуацијата е таква што денес критиката се објавува поединечно – на портали или на социјалните мрежи. Ги гледам и младите и поискусните колеги како објавуваат на Facebook, но тоа не е исто како да имаме редовна критика во медиумите.
Трн: Дали се гледаш себеси како хроничар на културните случувања во Македонија? Како твојата улога како новинар се развиваше во контекст на промените на сцената?
Сотир: Да, сите ние сме на некој начин хроничари. Телма од 2007 до 2014 година имаше Културна хроника – вести од култура што се емитуваа секој ден. Претходно имавме и магазини, дебатни емисии, портретски емисии како Мојот пат, каде што претставувавме истакнати личности од културата.
Големи промени почувствувавме по 2015–2016 година, кога во фокусот се најдоа проекти од независната сцена. Тоа беше период кога многумина од нас со широко срце ги прифатија ангажираните уметнички проекти, а Телма активно ги покриваше. Денес, независната сцена не е запоставена, но не ѝ се дава доволно простор.

Трн: Оваа година независната сцена доби најмалку финансиски средства. Како го гледаш тоа?
Сотир: Тоа е многу лошо. Ова значи дека делот од културата што секогаш бил алтернатива или авангарда е ставен на маргините.
Сепак, не мислам дека парите се единствениот фактор за квалитет. Проблемот е што во мејнстрим културата понекогаш нема идеи и потфрла квалитативно. Дури и ако институционалната култура добие сите пари на светот, тоа не значи дека ќе направи добар проект.

Пример за тоа како со малку средства може да се направи врвен проект е претставата Хинкеман на Златен Елец. Таа беше раскошна во својата порака, а финансиите беа минимални. Гледавме како со многу ентузијазам и малку средства се создаде театарска претстава што нè остави и тажни и среќни во исто време.
Треба повеќе средства за независната сцена и повеќе проекти што ќе носат вистински културни вредности.

Трн: Што значи културата за народот?
Сотир: Културата е бегство од немилоста на реалноста. Таа е лек за душата, но ние како општество тоа не го препознаваме доволно.
Треба повеќе да се вреднува културата, да се даде простор за критика, а новинарите да се поддржат во нивната мисија да бидат хроничари на времето. Ако ја оставиме културата на маргините, ќе изгубиме многу повеќе од неколку добри проекти – ќе изгубиме дел од сопствениот идентитет.
Трн: Кога би го лоцирал најголемиот подем и пад на културата кај нас?
Сотир: Би рекол дека 90-тите години на 20-тиот век беа блескави. Уште имаше средства од поранешната држава. Фестивалите беа на високо ниво, а театарските претстави беа возбудливи и радикални. Една од највпечатливите беше „Кога нешто тврдо ќе удри во нешто меко“, која се играше во фоајето на Македонската опера и балет во 1992-93 година. Денес, претставите што се носат се квалитетни, но недостасува тој елемент на возбудување и радикалност што го имавме тогаш.

Трн: Како ги оценуваш културните политики на властите во последните години?
Сотир: Многу декларативни, а во суштина ништо не се менува. Годишните конкурси се спроведуваат така што секој добива по нешто, но недоволно за квалитетен проект. Ова е политичка одлука за да нема незадоволни, но не придонесува за развојот на културата. Забележливо е и постепеното потиснување на независната сцена.
Трн: Во културните кругови се зборува дека најгласните уметници добиваат најмногу простор, додека вистинските вредности остануваат во маргините. Дали медиумите се виновни за тоа?
Сотир: Донекаде да. Потребен е искусен новинар за да препознае квалитет зад помпезната пропаганда. Некои проекти имаат силна медиумска поддршка, но немаат суштинска вредност, додека тивки, но блескаво реализирани проекти, остануваат во сенка. Потребно е внимателно да се проценува и да не се паѓа на маркетинг тактики.
Трн: Телевизиското новинарство денес бара брзина, комерцијализација. Како се справуваш со тоа?
Сотир: Се трудам да ги следам новинарските правила и да го ставам главното во фокус. Сензационализмот не е добрата страна на новинарството, иако многу медиуми се фокусираат на него заради кликови. Квалитетот во новинарството значително опадна, а професијата изгуби стандарди.
Трн: Културните настани сè повеќе зависат од грантови. Гледаш ли во тоа поддршка или контрола врз уметноста?
Сотир: Зависи од спонзорот. Ако не се меша во уметничката визија, тогаш тоа е поддршка. Ако има услови и цензура, тоа е опасна територија. Подобро е да не се даваат пари, отколку да се контролира уметничкиот израз.
Трн: Новинарството во културата често е во сенка на политиката и забавата. Дали некогаш си чувствувал потценетост во медиумскиот простор?
Сотир: Да, често се чувствувам маргинализиран, но тоа не ме спречува да продолжам. Културата е моја мисија и живот. Веќе во осмо одделение знаев дека сакам да бидам новинар, инспириран од емисијата „Хит на месецот“ на РТС. И покрај сите пречки, јас ќе продолжам да се борам за културата и уметноста во Македонија.

Трн: Омилена книга, автор, музика, претстава…
Сотир: „Мајсторот и Маргарита! Таа книга мислам дека ми е една од омилените. Не е само книга што го прикажува нашето страдање под тоталитарен режим, туку и фантастичните елементи што ги внесува Булгаков ми се неверојатни. Ја имам препрочитано двапати, трипати, само заради таа магија, заради тоа што ме внесува во некој меѓупростор помеѓу една и друга нова книга.“
„Од друга страна, многу го читав и Мишел Уелбек. Скоро сè од него сум прочитал, освен последната книга. Тој е сурово искрен, буквално го отсликува животот на современиот човек, цивилизацијата денес, и тоа на светско ниво. Тоа не е ни македонска, ни регионална приказна – тоа е глобална приказна.“
Омилена музика
„Ох, музика? Тука навистина ми е тешко да издвојам. Секој ден слушам различна музика. Посетував основно музичко училиште во Кочани, свирев клавир, но го прекинав некаде во седмо-осмо одделение. Наставничката ми рече: ‘Ќе се сетиш еден ден дека си направил грешка што го прекинуваш.’ И беше во право – некаде од факултет наваму сфатив колку ми значи музиката.“
„Денес слушам класична музика, инди-рок, поквалитетен поп, сè и сешто. Зависи од расположението.“
А претстава, тука веќе немам дилема. Диво месо на Александар Поповски од 90-тите години. Од диво месо на Александар Поповски во Драмски на крајот на 99та на која плачев,немало ниедна друга македонска претстава што толку силно ме погодила. Дури и Ацо во една прилика има признаено вели што фативме со таа претстава се позлативме. Од кастинг до концепт, до костими, а пред се актерска игра таму сите беа добри!
Трн: Како се развиваше твојата лична новинарска филозофија? Дали во твоето работење имаше некои да речеме хајлајтс коишто го обликуваат твојот пристап кон темите коишто ги работиш?
Сотир: Па јас повеќе вака, кога ќе се свртам назад, не е тоа повеќе мојот пристап, тој е ист за се. Тоа морам да расчистам. Значи, тоа е длабока подготовка на се што работам.
Хајлајтс ми се луѓето што сум ги сретнал, на пример. Јас мислам дека колку е по важен, истакнат, независно дали е македонски, светски или регионален уметник, од Томас Остермаер кој дојде на МОТ, преку Мира Фурлан која дојде на Киненова фестивалот, до Дарко Рундек кој дојде пред две години. Мислам дека луѓето кон секој од нив, подготвувајќи се, јас пристапував исто.
Трн: Што е за тебе лично културата? Што значи за тебе?
Сотир: Луѓето, културата за мене се луѓето. Затоа што културата и не е само уметност. Значи, тоа е култура на живеење, култура на избор на содржини со кои јас го поминувам времето, култура на исхрана, култура на одржување здрав живот. Културата е многу поширока, иако велат дека под култура се подразбира уметност, филозофија и религија, јас мислам дека тоа поле е многу пошироко.
Фотографии: Надица Манева Ангеловски