Сотби ѝ ги врати на Индија светите будистички драгоцености по 127 години

Аукциската куќа Сотби ѝ ги врати на Индија светите будистички драгоцености, за кои се верува дека се поврзани со самиот Буда, откако беше критикувана поради намерата тие да бидат ставени на аукција.

Станува збор за таканаречените драгоцености од Пипрахва, кои археолозите ги опишуваат како едно од најневеројатните откритија на модерното време. Предметите требаше да се најдат на аукција во Хонгконг во мај, но продажбата беше откажана поради дипломатски притисок и закани со тужба од индиската влада во Њу Делхи.

На крајот, драгоценостите завршија во сопственост на конгломератот Godrej Industries Group од Мумбај.

Од Сотби соопштија дека со „воодушевување“ ги вратиле предметите во Индија по два месеци преговори со сопственикот, новиот купувач и индиските власти. Драгоценостите сега ќе бидат изложени во Индија.

Индискиот премиер Нарендра Моди го поздрави враќањето на предметите преку објава на платформата X, опишувајќи го моментот како „горд и радосен“ и голема победа за културното наследство на Индија. Враќањето доаѓа по цели 127 години.

Драгулините биле откриени во 1898 година од англискиот трговец со недвижности Вилијам Клакстон Пепи, во ступа во местото Пипрахва на северот на Индија – недалеку од родното место на Буда, кое денес се наоѓа во Непал.

Во наодот имало речиси 1.800 бисери, рубини, сафири и златни предмети, заедно со делови од скелет за кои натписите на пронајдената урна укажуваат дека му припаѓале на самиот Буда.

Пепи поголем дел од драгоценостите и реликвиите ги предал на тогашната британска колонијална власт во Индија. Коските ги добил будистичкиот крал Рама V од Сијам (денешен Тајланд), додека пет урни, камена кутија и други реликвии биле предадени на Индискиот музеј во Калкута.

Остатокот од вредната колекција останал повеќе од еден век во приватна сопственост во Велика Британија, далеку од јавноста.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни