Сотби ја одложи аукцијата на свети будистички мошти по притисок од Индија

Аукциската куќа Сотби ја одложи планираната аукција на вредни артефакти поврзани со Буда, откако индиската влада жестоко реагираше и побара прекин на продажбата, наведувајќи дека станува збор за религиозно и културно наследство на Индија.
Извор: Profimedia

Аукцијата, која требаше да се одржи во Хонг Конг, вклучуваше речиси 1.800 артефакти – скапоцени камења како рубини, сафири и топази, како и златни фигурини. Овие предмети се поврзани со археолошко откритие од 1898 година во Утар Прадеш, Индија, каде што заедно со нив беа пронајдени и останките на Буда.

Во официјално писмо до Сотби, индијското Министерство за култура предупреди дека продажбата претставува прекршување на национални и меѓународни закони и конвенции, барајќи итен прекин на аукцијата, враќање на моштите и јавно извинување од Сотби и Крис Пепе – потомок на британскиот офицер Вилијам Пепе, кој ги ископал моштите во 19 век.

Индиската влада најави правна постапка и јавна кампања против аукциската куќа ако барањата не бидат исполнети, нарекувајќи ја продажбата „овековечување на колонијалната неправда“.

Сотби изјави дека аукцијата е одложена со согласност на сопствениците, со цел да се отворат дискусии помеѓу засегнатите страни.

Историјата на предметите води до Вилијам Пепе, кој по ископувањето ги предал реликвиите на британската колонијална администрација, а останците на Буда биле подарени на кралот Рама V од Тајланд. Најголем дел од предметите се наоѓаат во Индискиот музеј во Калкута, но еден дел останал во сопственост на семејството Пепе.

Крис Пепе, сегашниот наследник, изјави дека семејството размислувало да ги донира моштите, но поради комплексноста на таквите иницијативи, аукцијата ја сметале за најправеден начин да ги вратат предметите во рацете на будистичката заедница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни