Состојбата во Чернобил повторно стабилна по прекинот на струјата

Состојбата во нуклеарната електрана Чернобил на северот на Украина повторно е стабилна, откако дојде до прекин на струјата поради напад од руски дрон, соопштија украинските власти.
Фото: Adam Jones from Kelowna, BC, Canada, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Според Киев, руската војска вчера вечерта со дрон погодила електрична инсталација во комплексот на Чернобил, по што електраната била без струја неколку часа.

Официјалните лица потврдија дека инцидентот не довел до зголемување на нивото на радијација на местото каде што се случила една од најтешките нуклеарни катастрофи во светот, 1986 година.

„Напојувањето со струја е обновено и локацијата работи нормално“, потврди администрацијата на зоната за исклучување околу Чернобил, која ја опкружува електраната на растојание од 30 километри.

Иако Чернобил формално не работи, електраната треба постојано снабдување со струја за ладење на делови од објектот и следење на нивото на радијација, со цел да се избегне нуклеарен инцидент.

Руската војска ја окупираше Чернобил на почетокот од војната во Украина 2022. година, а потоа се повлече по неколку недели.

Во февруари оваа година беше погоден заштитниот омот на електраната, при што избувна помал пожар.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави синоќа дека руските напади на украинските нуклеарни постројки претставуваат глобална закана и дека за нивно сузбивање е потребна „силна акција“.

Напојувањето со струја го изгуби и нуклеарниот комплекс во Запорожје, кој беше исклучен повеќе од недела дена, а кој руската војска повеќепати го нападнала од почетокот на војната.

Зеленски ја обвини Русија за овие напади, додека портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека постојката била бомбардирана од Украина.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни