Директорот на Клиничкиот центар на Црна Гора, Александар Радовиќ, изјави денес дека пациентите ранети во пукањето во Цетиње се стабилни и дека тројца од нив се одвоени од апарат за дишење.
Радовиќ претходно изјави дека во лекувањето учествувале 11 хирурзи.
„Персоналот ја заврши својата работа професионално. Повредите кај пациентите се многу опасни и можат да се случат компликации“, рече Радовиќ на прес-конференцијата во четвртокот.
Цетињанецот Ацо Мартиновиќ во средата уби 12 лица со огнено оружје, а четворица рани, по што изврши самоубиство.
По повод трагичниот настан, претседателот на Владата на Црна Гора, Милојко Спајиќ, за денес закажа вонредна седница на Советот за национална безбедност.
Советот ќе се фокусира на клучните предизвици во откривањето и заплената на нелегално оружје и ќе предложи низа мерки насочени на борба против криминалот и заштита на граѓаните.