Состојбата на пациентите во пожарот од Кочани кои се лекуваат дома и во странство е стабилна

Сериозна, но стабилна им е состојбата на повредените пациенти кои во моментов се лекуваат од здобиените повреди од пожарот во Кочани. Се размислува и за враќање на дел од оние кои се лекуваат во странство. По извршената обдукција на починатите лица во пожарот, кај сите е констатирана насилна смрт од задушување што е предизвикано директно од пожарот. 

Според последните информации, вкупно 162 повредени пациенти моментално се лекуваат од здобиените повреди во пожарот во Кочани, од кои 115 пациенти се на лекување надвор од државата. – Освен еден пациент кој се лекува во Турција, другите се во сериозна, но стабилна состојба, информираше вчера на прес-конференција министерот за здравство Арбен Таравари.


На домашно лекување пуштени се 13 пациенти. Со ова на Клинички центар на лекување се 25 пациенти, во ГОБ „8 Септември“  12, во Градска општа болница 11 и во Штип еден пациент. Во однос на исписите – еден пациент од Штип, има еден испис од Детска хирургија, три ќе се испишат од Торакална хирургија. Во „Систина“ и „Жан Митрев“ вкупно се лекуваа девет пациенти, од нив пет вчера се испишани.

Во однос на оние пациенти кои се на лекување надвор од државата, во Србија се 30, од кои веќе двајца се екстубирани. Во Бугарија 15 пациенти од коишто тројца се веќе екстубирани. Во Грција 12, од кои двајца се критични. Во Анкара шест пациенти се екстубирани, додека исто толкав број се екстубирани и во болницата во Истанбул.

Во Шпанија се лекуваат седум пациенти, во Австрија пет, во Унгарија шест пациенти, од коишто веќе еден е фебрилен и еден со кашлица, другите се во стабилна состојба. Во Хрватска се пет пациенти, еден е интубиран стабилен и четири други се во сосема стабилна состојба. Во Словенија се вкупно четири пациенти, од кои три се во посериозна состојба. Во Литванија се четири пациенти, едниот и таму е екстубиран, значи е во подобра состојба. Во Белгија четири пациенти, од кои сите четири се во стабилна состојба. Во Италија четири пациенти кои се веќе станати. Во Шведска се четворица пациенти, двајцата сосема во стабилна состојба и во Полска се двајца пациенти од кои само едниот интубиран.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, најави дека е можно идната недела да се зборува и за протоколи за враќање на овие пациенти.

„Имаме најави од одредени држави каде пациентите се во добра состојба, со цел да подготвиме протоколи како ќе биде нивното враќање, дали ќе треба да се сместуваат откако ќе бидат прегледани од наши доктори. Тие што се во добра состојба после прегледот од доктор може да се пуштат и да одат дома“, рече Таравари.

Според него, следната фаза се можните инфекции кај овие пациенти и затоа треба да се превенира максимално за да не настанат компликации.

На Клиниката за токсикологија досега проциркулирале 20 пациенти кои вдишале отровни гасови при стравичниот пожар во дискотеката во Кочани. Од нив 13 заради влошување на состојбата или заради потреба од механичка вентилација биле префрлени на други клиники, претежно на Клиниката за интензивно лекување, односно на КАРИЛ, а некои се транспортирани надвор од државата. На Токсикологија во моментов се хоспитализирани седум пациенти, а сите овие 20 пациенти вклучувајќи ги и тие на КАРИЛ и во странство се во добра општа состојба.

Црвениот крст на Северна Македонија информираше дека сосега се собрани 48.172.115 денари за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани и за нивните семејства.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни